| четврток, 6 декември 2018 |

„Македонска приказна“ ја воодушеви чешката публика

Претставата „Македонска приказна“ со која Театарот за деца и младинци настапи во Прага предизвика голем интерес кај публиката.

Директорот на Театарот Драган Довлев изјави дека се барало место повеќе и оти глумците биле испратени со долг аплауз и овации.

– Уште еднаш се покажа дека „Македонска приказна” е вистинскиот, ако не и најдобриот репрезент на нашата држава, кога е во прашање театарското претставување на Македонија во европските центри. Тоа се случи и во Стокхолм пред повеќе од две години, но овојпат мислам дека отидовме и чекор понатаму. Овојпат претставата беше полн погодок, истакна Довлев.

Тој додаде дека претставата мора да продолжи да живее и да се обновува со нови млади актери затоа што тоа го заслужува.

Режисер на претставата е Боњо Лунгов, а во актерската екипа се Татјана Павловска-Кочовска, Ана Левајковиќ-Бошков, Катарина Илиевска-Силјановска, Владимир Лазовски и Предраг Павловски.

Гостувањето на Театарот за деца и младинци во Прага беше во рамки на Деновите на македонската култура што ги организира Министерството за култура на РМ, по повод 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи помеѓу Македонија и Чешка.

Во рамки на манифестацијата досега се одржаа 10-тина настани, а следната недела ќе биде отворена изложба на Националната галерија на Македонија, а концерт ќе одржи дуото „Скупи“.

Претставата „Македонска приказна“ во 2012 година настапи и во Стокхолм, по повод две децении од шведско-македонските дипломатски односи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top