| четврток, 6 декември 2018 |

Скандалот фрли сенка врз целата организација на „Скопски фестивал“

Скандалот околу обидот за местење на гласовите од СМС пораките фрли сенка врз годинешниот „Скопски фестивал“. Во очекување на завршницата од истрагата на МВР поврзана со обвинувањата за местење на телевоутингот од страна на осомничени индивидуи, а по прегледот на репризата на фестивалот на МТВ, редно е да се споменат и светлите точки на вечерта на 12 ноември во Метрополис Арената во Скопје.

Македонската Радио Телевизија втора година по возобновувањето на овој реномиран фестивал се обиде да направи издание достојно за „Скопскиот фестивал“.

Спектакуларната сцена со современа опрема, особено лед-екраните и видеоанимациите, осветлувањето,  надополнета со ефектните видео материјали  за водителот и  атрактивните најавни  клипови за секој од  учесниците,  специјално снимени на 20 различни локации во Скопје, му дадоа на фестивалот еден нов и современ дизајн.  По теркот на Евросонг  и интерпретаторите се потрудија да вложат максимум труд и ангажираност во осмислување на своите настапи, со кои што целиот концепт на фестивалот доби сосема нова и свежа визура.

Слушнавме 20 нови композиции во придружба на Големиот Ревиски оркестар на МРТ, кои ја збогатуваат  македонската музичка архива, а некои од нив со сигурност ќе останат запаметени уште долги години потоа. Вечерта покрај присутните во Арената, настанот го проследија и илјадници гледачи ширум Македонија, Европа и светот.

Калиопи, во име на Македонската  Радио Телевизија, му ја додели наградата за животно дело и придонес кон Скопскиот фестивал на Димитар Масевски – композитор кој што целиот свој работен век го поминал во МРТ.

Во име на долгогодишната соработка со МРТ  како и неговиот придонес  во креирањето на  македонската музичка сцена, организаторот на фестивалот  постхумно му оддаде признание на Даниел Милошоски – еден од сопствениците на Авалон Продукција, чиј што главен репрезент е Каролина Гочева, која што во присуство на двете дечиња на Даниел, ја прими статуетката во име на продукцијата и семејството. Како посебно светла точка на вечерта беше и нејзината изведба на песната „Кој да ми запее“ од нејзиниот албум „Македонско девојче 2“.

Доколку го исклучиме обидот, како што наведува МВР, за манипулација со телефонските гласови, ова е  најсовршен модел за гласање досега, кој го имаат повеќе земји учеснички на Евровизија.

МРТ одбра седум национални РТВ сервиси од Европа, кои што, пак, самите одбраа по пет музички стручни лица и со своето темелно преслушување на сите композиции го дадоа својот став, со што ги оформија 50-те проценти од вкупното гласање на Скопскиот фестивал. Организаторот на фестивалот, мошне грижливо ги чуваше во тајност сите 35 членови на меѓународното стручно жири.

Останатите 50 отсто го дадоа граѓаните на Македонија, по пат на  телевоутинг.

Се на се, МРТ подготви едно навистина незаборавно издание на Скопскиот фестивал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top