| четврток, 6 декември 2018 |

Важен услов за пробив на органските производи е нивното декларирање

храна

Македонскиот земјоделски и рурален сектор се соочува со значајни предизвици во однос на можностите за квалитетно производство, конкуренција на регионалните, европските и меѓународните пазари, начините на подобрување на квалитетот на живеење во руралните средини како и отварање нови работни места. Во таа насока, важна е ефективната и добра координација на институциите, партнери со цел креирање соодветна аграрна политика, прилагодување на законската регулатива и реформите.

Ова го истакна ресорниот министер Михаил Цветков на денешната конференција за резултатите од твининг проектот „Органско земјоделско производство и квалитет на земјоделските производи“ кој се спроведуваше изминатите 19 месеци со финансиска поддршка на Инструментот за претпристапната помош (ИПА) на Европската унија и во партнерство со Министерството за земјоделство, прехрана и шумарство на Република Италија.

Освен Министерството за земјоделство, проектот вреден 690.000 евра, ги таргетираше и останатите институции од оваа област, како и производителите кои со прилагодувањето кон европските стандарди и исполнување на критериумите го подобруваат квалитетот на производите и стануваат поконкурентни на пазарот.

– Јакнење на административните капацитети и хармонизација на домашната со европската легислатива во делот на органското земјоделско производство, како и воспоставување на системот за развој и заштита на квалитетот на земјоделските и прехранбени производи, беше целта на дефинираните активности. Но, ова е само дел од досегашните огромни напори на Владата за поттикнување и развој на органското земјоделство преку создавање на потребните услови – нагласи Цветков.

Според него, за да се сочуваат земјоделските и прехранбените производи кои со генерации се одгледуваат во одредени региони и кои станаа препознатливи токму поради традицијата, МЗШВ работи интезивно на заштита на нивниот квалитет преку воведување ознака на потекло, географска ознака и ознака за гарантиран традиционален специјалитет.

Органското производство, потсети, ќе биде вклучено и во ИПАРД 2 програмата со цел негово интензивирање.

Оценувајќи дека основните предуслови за органско производство се исполнети – институционален капацитет и соодветна законска рамка, претставниците на Европската комисија посочија што треба Македонија сега да преземе. Завршувањето на проектот, подвлекоа, значи само почеток на нови предизвици.

– Има потрошувачи кои на локалните пазари бараат охридски цреши, кашкавал и сирење од Бистра соодветно етикетирани, со стандардно одличен квалитет, органски зеленчук и вино. Ова не е важно само за здравјето, туку и за развој на земјоделството, како и за руралната економија – потенцира Јаромир Левичек од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Клучно е, рече, да се усвојат стандарди за обележување, да се воспостави систем за јакнење на земјоделските задруги и да продолжи јакнењето на институционалните капацитети.

ЕУ е подготвена и натаму да го поддржува македонското Министерство за земјоделство.

Твининг проектот резултираше со повисок степен на хармонизирање на законите за квалитет на земјоделските производи и за органско земјоделство, со воспоставување систем на официјални контроли, како и со изготвување методи за хемиски анализи на резидуи од пестициди во свежо овошје и зеленчук. Даден беше придонес и во подготвувањето на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2014 – 2020.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top