| четврток, 6 декември 2018 |

Закон има, ефект нема: Младите незаконски возат моќни автомобили

Последната трагична несреќа со прегазеното момче кај Католичка црква во Скопје од страна на 20-годишно момче кое управувало џип „ фолксваген туарег“, покажува дека и покрај силните заложби за безбедност во сообраќајот и ригорозни казни, свесноста кај возачите и безбедноста се на ниско ниво, а превенцијата e неопходна за да се стави крај на фаталните последици од сообраќaјни несреќи.

soob-dete1

„Република“ ги праша студентите дали се чувствуваат сигурно во сообраќајот и дали сметаат дека казните ќе придонесат за намалување на сообраќајните прекршоци.

– Не се чувствувам сигурно, но постои можност казните да имаат ефект врз учесниците во сообраќајот – вели еден студент. Дел од студентите, пак, велат дека се чувствуваат сигурно во сообраќајот и и тие сметаат дека казните би придонеле во намалувањето на бројот на сообраќајни незгоди.

Според податоците на МВР, годинава, заклучно со октомври, 104 лица го загубиле животот на патиштата низ државата, а само во последниве два месеца се прегазени седум пешаци, од кои еден усмрти позната македонска фолк-пејачка.

полиција

Во МВР немаат статистика колку млади лица не ја почитуваат законската одредба за возење по 23 часот со лице кое има минимум двегодишно искуство или, пак, законски определената кубикажа на возилото од 75 киловати, односно околу сто коњски сили за лица до 25 години. За споредба, најслабиот мотор на џиповите „туарег“, со чиј модел управувал 20-годишниот Д.М за време на несреќата, има 175 коњски сили, а моќта на моторот може да достигне 450 коњски сили.

– Секако дека постојат вакви случаи и се санкционираат, но кај нас сѐ уште не постои посебна графа за евидентирање на овие прекршоци и таквите се впишуваат во графата „друго“ за која е потребно многу време да се направи статистика – велат од МВР.

Според министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, повеќе од 100 лица годинава се жртви на сообраќајки, а во однос на истиот период лани има намалување на бројот на лица починати во сообраќајки за 30 отсто. И верските лидери се вклучија во кампањата за поголема безбедност во сообраќајот по повод Светскиот ден на сеќавање на жртвите во сообраќајни несреќи. Лидерите на верските заедници им испратија порака на верниците да го почитуваат човечкиот живот на учесниците во сообраќајот.

Сепак, за да се избегнат трагичните несреќи како последната, освен казните очигледно треба да се работи на подигање на свеста, особено кај младите лица, за ризиците од пребрзо возење и непочитување на сообраќајните правила и прописи, но и кај родителите или семејството кои им дозволуваат на своите деца да возат брзи и моќни возила, спротивно на предвидените законски норми.


Пишува: Јана Јосифоска

Разговараше: Владо Оцевски

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top