За животот на познатата видовита Баба Ванѓа во моментот се прикажува и турска серија. Жената кај која помош побарале илјадници луѓе е родум од Струмица, а нејзината родна куќа се наоѓа на денешната улица „5 ноември“ во Струмица. Денес на тоа место има изградена куќа која не припаѓа на нејзинита фамилија, па и затоа оваа место не е обележано. Во албумите на баба Ванѓа се среќава слика од оваа куќа.
Баба Ванѓа или Вангелија Пандева Димитрова е родена на 31 јануари 1911 година во Струмица како слабо девојче на кое името му го дале по два месеци. Родена е во семејството на Пандо Сурчев, а нејзината мајка умира кога таа е многу мала.
Според раскажувањата за „Струмица денес“ на Фимка Гогова Михаилова, нејзина комшивка и блиска пријателка, Ванѓа живеела во оваа куќа од нејзиното раѓање до 1942 година по што се преселува во Петрич, Република Бугарија. Во 1923 години поради лошите животни услови Вангелица се преселува во Ново Село кај братот на нејзиниот татко и таму живее неколку години. Таму и го губи видот.
Од Ново Село во 1925 година заминува за Белград на лекување кое траело до 1927 по што се враќа во родната куќа во Струмциа. Ванѓа во оваа куќа ги има направено и првите превиденија.
Ванѓа била многу болна кога имала 18 години. Осум месеци била на постела помеѓу животот и смртта. Нејзините роднини во корито ја изнесувале во дворот за да може да биде на чист воздух и сончева светлина. Оставајќи ја Ванѓа во таква состојба еден ден отишле на црква. Кога се вратиле дома ја затекнале Ванѓа со метла во раце. Иако претходно ја оставиле едвај жива, таа го метела дворот. Кога ги видела Ванѓа, само им рекла дека дворот треба да биде чист бидејќи наскоро ќе започне војна и нејзината куќа ќе ја посетува многу народ. По неколку години иако таа се преселила во Петрич нејзиниот двор бил посетуван од илјадници луѓе.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.