Европската комисија синоќа соопшти дека денеска, најверојатно, ќе преземе итни привремени превентини мерки за ограничување на новиот вид птичји грип откриен во Холандија.
– Се очекува на 17 ноември Комисијата да донесе одлука за итни привремени превентивни мерки по откривањето на птичјиот грип – изјави портпаролот на ЕК, Рикардо Кардосо.
Мерките ќе ги опфаќаат зоните означени од холандските власти во кои се наоѓаат живинарските фарми, од кои ќе биде забранета продажба на живина, јајца, пилешко месо и на други пилешки производи на други членки на Европската унија и на трети земји.
Холандските власти вчера соопштија дека на една фарма во централниот дел на земјата откриле високо патоген вид на птичјиот грип и воведоа привремена забрана за транспорт на живина во радиус од еден километар околу сите живинарски фарми во Холандија.
Во соопштението на холандската Влада се наведува дека новооткриениот вид грип е смртоносен за живината, но и дека од него може да се заразат и луѓето.
Властите најавија дека на фармата, на која е откриен птичјиот грип, во селото Хекендорп во централна Холандија, ќе бидат уништени околу 150.000 парчиња живина.
Холандија во 2003 година беше погодена од вирусот Х7Н7 на птичјиот грип и тогаш здравствените власти уништија околу 30 милиони птици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.