| четврток, 6 декември 2018 |

Во Србија отпуштени 200.000 работници во последните пет години

Во малите и во средните претпријатија во Србија од 2009 година досега е намален бројот на вработени за речиси 200.000, од 582.409 на денешните 385.934, објави „Блиц“.

Координаторот на Форумот за мали и за средни претпријатија, Александар Грачанац, вели за весникот дека причините се намалената побарувачка, вложувањата, порастот на трошоците на вложување, хроничната неликвидност, порастот на сивата економија, како и порастот на парафискалните трошоци.

– Здравата претприемачка политика почна да се губи и сѐ поголем е бројот на фирми што згаснуваат. Србија во 2009 година имала 266.242 микро, мали и средни фирми додека денес се регистрирани 217.000 – објаснува Грачанац.

Тој потсетува дека, според показатели на ЕУ, Србија е во групата на држави што се умерени иноватори со перфоманси под просек, а по показатели на квалитет на претприемништво, освен БиХ, е најслаба во регионот.
Тој додава дека и измените во Законот за ДДВ дополнително придонеле за затворање на малите фирми бидејќи ДДВ се плаќа по фактурирањето.

– И Законот за рокови за плаќање, за жал, е мртов бидејќи меѓу најголемите должници е државата. Неликвидноста продолжува, а голем број мали и средни фирми буквално банкротираа поради неможноста да се изборат со неликвидноста – потенцира Грачанац.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top