| четврток, 6 декември 2018 |

Народен театар Битола одбележува 70 години од постоењето

Од 1944 година до денес во Народен театар-Битола се одржале 500 премиерни изведби, а изведени се повеќе од 12.000 претстави кои ги гледале близу пет милиони вљубеници во театарот

teatar-bitola

На сцената на театарот во Битола во тек е изведбата на роденденската театарска претстава „Нови хоризонти“ во која настапуваат вработените во таа национална установа со која се одбележуваат 70 години од постоењето на оваа оваа институција.

Од 1944 година до денес во Народен театар-Битола се одржале 500 премиерни изведби, а изведени се повеќе од 12.000 претстави кои ги гледале близу пет милиони вљубеници во театарот.

Ова вечерва во Народниот театар во Битола го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на промоцијата на фотомонографијата „Нови хоризонти“,  објавена по повод одбележувањето на 70-годишнината од постоењето на таа национална театарска установа и изведбата на првата театарска претстава на македонски јазик во Република Македонија.

– Денешниот свечен чин има респективна културолошка референца – тој ја маркира 70-годишнината од првата одиграна претстава на македонски јазик во далечната 1944 година, кога доајените на македонското глумиште Јорго Цаца, Вера Вучкова, Мери Бошкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски и многу други, ентузијастички творејќи во театарската група на битолската воена област, најавија амбициозна намера, градот на конзулите да промовира врвен театар, рече Канческа-Милевска.

Фотомонографијата „Нови хоризонти“ ја промовираше режисерот Дејан Пројковски, а за големиот јубилеј на театарот во Битола говореа директорот Валентин Светозарев, режисерот Љубиша Ѓоргиевски и битолскиот градоначалник Владимир Талески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top