| четврток, 6 декември 2018 |

Како да го контролирате нивото на шеќерот во крвта?

zdrava hrana

Денеска е Светскиот ден на дијабетес. Овогодишната тема конкретно се фокусира на начинот на контролирање на нивото на шеќер во крвта преку јадење на добар појадок.

Од дијабетес секој ден заболуваат се повеќе и повеќе луѓе, па поради тоа се крена и оваа кампања на денот кој го одбележува раѓањето на Фредерик Бантинг, кој заедно со Чарлс Бест за првпат дојдоа до идеја која доведе до откривање на инсулинот во 1922 година.

Интернационалната фондација за дијабетес и Светската здравствена организација, денот од 1991 година го признаа како официјален ден на Обединетите нации.

Дијабетесот е болест која трае цел живот и поради која нивото на шеќерот во крвта кај пациентите станува превисоко. Иако дијабетесот е група метаболитски болести, има два главни типа – тип 1 и тип 2.

Високото ниво на шеќер во крвта предизвикува често уринирање, жед и глад. Доколку не се лекува, може да предизвика сериозни компликации како срцеви болести, мозочен удар, откажување на бубрезите и оштетување на очите. Тоа настанува затоа што панкреасот не лачи доволно инсулин или, пак, клетките во телото не реагираат соодветно на излачениот инсулин.

Инсулинот е хормон кој настанува во панкреасот, а му помага на телото да ја искористува гликозата како енергија.

Со активен животен стил и исхрана богата со овошје, зеленчук, храна богата со скроб, внесување протеини преку немлечни и млечни производи, може да се контролираат и спречат дијабетес тип 1 и дијабетес тип 2.

Според организацијата Дијабетес од Велика Британија, овој начин на исхрана се препорачува и за здрави лица, се препорачува јадење на храна со ниско ниво на сол, маснотии и шеќер.

Менувањето на животниот стил честопати се советува од експертите кај оние кои имаат висок ризик за заболување од дијабетес или, пак, неодамна им била поставена дијагноза дијабетес тип 2. Препораките вклучуваат и 2,5-часовни прошетки неделно, умерена физичка активност и одржување на здрав индекс на телесна маса.

Во Македонија има приближно 200.000 лица со дијабетес тип 1 и тип 2. Од нив околу 43 000 лица примаат инсулин. На детската клиника на годишно ниво се регистрираат приближно 30 деца со дијабетес тип 1 (инсулин зависен). Испитувањата покажуваат дека здравиот појадок може да го спречи и контролира дијабетесот.

Според податоците од Министерството, една третина од децата на возраст од 6 до 7 години се со зголемена или прекумерна телесна тежина, а 13 отсто се со прекумерна телесна тежина. Главна причина за тоа е употребата на брзата храна. Дебелината кај децата предизвикува разни деформитети и е основна причина за појава на дијабетес тип 2.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top