По повод 20 годишнината од дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Царството Јапонија, во Токио, во „Асакуса паблик хол“ (Аsakusa Publick Hal), кој има капацитет од 1800 седишта, се одржа целовечерен концерт во два дела. На почетокот на концертот беше изведена македонската химна.
Во првиот дел беше изведена македонско-јапонска суита за тенор и оркестар од Алесандро Д‘агостини, каде како солист настапи Благој Нацоски, а диригент Борјан Цанев.
Во вториот дел беше изведена познатата 9-та симфонија на Бетовен, исто така под диригенство на Борјан Цанев, а како солисти настапија: Славица Петровска-Галиќ, Ирена Кавкалеска, Ѓорѓи Цуцкоски и Игор Дурловски.
Нашите уметници беа придружувани од „Вагнер сосајати оркестра“ (Wagner Society Orchestra) и „Јапонско-македонскиот хор на пријателство“ (Japan-Macedonia Friendship Memorial Chorus).
-Ова се значајни настани за нас. Преку ваквите настапи се промовира не само македонската култура, туку и Република Македонија воопшто, на светската културна мапа. Благодарение на Министерството за култура, Македонската опера и балет во последниве неколку сезони остварува значајни проекти не само на матичната сцена, туку и претставувања на куќата надвор од Република Македонија, велат од Македонската опера.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


