Русија ја предупреди Франција дека ќе се соочи со сериозни последици ако Париз до крајот на овој месец не го достави првиот носач на хеликоптери, што беше одложено поради улогата на Москва во украинската криза, објавува РИА Новости, повикувајќи се на висок извор.
– Ние се подготвуваме за различни сценарија. Ќе чекаме до крајот на овој месец, а потоа ќе излеземе со сериозни барања, предупредува изворот. Првиот од двата носачи на хеликоптери, нарачани од страна на Русија, требаше да биде доставен денес. Тоа е наведено во договор потпишан меѓу Париз и Москва во 2011 година за 1,2 милијарда евра.
Изворот појаснил дека експерти ги проценуваат штетите и ќе ги објават јавно.
– Износот нема да остане во тајност – додал претставникот.
Франција е ставена под притисок од западните партнери да не ги доставува бродовите поради конфликтот во Украина. Првиот носач на хеликоптери „Владивосток“, според планот, треба да биде доставен до крајот на 2014 година, а вториот „Севастопол“ во 2016 година. Договорот од 2011 година вклучува купување на два носачи на хеликоптери со опција за купување на уште два.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.