Загаденост – ниту ново ниту непознато… Трае одамна, има многу последици. Се чини, маката на граѓаните е редовна преписка меѓу партиите. И само преписка. Поени за политичарите, без поени за граѓаните. Додека едните се обидуваат да извлечат ќар, другите се во амбулантните чекалници, кај докторите, во аптеките… Скопје страда од загаден воздух. Се затвори „Макстил“, се затвора „Југохром“… Има резултат, но и нема… Не ги гледаме оџаците како испуштаат отровни гасови, но нивото на штетните ПМ10 честички во воздухот е неколкупати повисоко од нормалното.
Битолчани излегоа на улица и го кренаа гласот против еколошката катастрофа, која носи многу болести, одзема многу животи. Медицинскиот биланс откри дека во Битола неделно се појавуваат по двајца новозаболени од рак на бели дробови. Според мерењата што ги спроведува Министерството за животна средина, минатата година околу Божик битолчани дишеле воздух со концентрации на отровни честички 10 на 400 милиграми на кубен метар воздух, што е осум пати над дозволеното… Министерството има податок дека загадувањето на периоди достигнува и до 20 пати над дозволеното.
Според Програмата за подобрување на квалитетот на воздухот во Битола, која на крајот на минатата година беше прифатена од битолскиот општински совет, годишно од оџаците и од возилата се испуштаат по 37 тони ситен прав. Тој прав длабоко продира во респираторниот систем на луѓето. Годишната граница за зголемени вредности на ситен прав е 35 дена, а минатата година во Битола имало повеќе од 120 дена со концентрации над дозволените граници. Суспендираните честички се јавуваат како резултат на издувните гасови што доаѓаат од автомобилите, но и поради согорувањата од дрвата. Најопасните честички за човековото здравје се производ на секојдневните потреби на човекот.
Од настинка до карцином
Медицинските лица велат дека воздухот загаден со ПМ честичките предизвикува прво обична настинка. Но со постојано, односно често внесување таков воздух, таквите честички навлегуваат во крвта. Тоа ги оштетува внатрешните органи, го разорува нашиот организам, па дури и предизвикува карцином на белите дробови. Каде ќе „удрат“ честичките и како ќе реагира нашиот организам зависи од видот на честичките, но и од имунитетот на самиот организам на човекот. На удар се астматичарите и болните со ХОББ, како и тие со срцеви болести и со преживеан срцев и мозочен удар. Никој не може точно да каже по колку време изложеноста на актуелното загадување доведува до посериозни последици врз здравјето, како што се оштетување на внатрешните органи, но и појава на белодробен карцином. Но, факт е дека колку што подолго трае ова загадување, толку здравствениот ризик се зголемува.
ПМ10 честичките Светската здравствена организација ги прогласи за канцерогени и поопасни за здравјето на луѓето и од пасивното пушење. Најчести извори на ПМ10 честичките се индустриските капацитети, електраните, греењето на домовите со дрва и јаглен, издувните системи на возилата, шумските пожари, согорувањето на земјоделскиот отпад, а одредено влијание имаат и климатските и метеоролошките услови.
Повеќе умрени отколку родени
Како последица на лошиот воздух, според битолски онколози, во овој град во Македонија секоја недела се регистрираат најмалку по двајца пациенти заболени од белодробен карцином. Доктор Рената Раденков, специјалист по радиотерапија и по онкологија во битолската болница, вели дека од аерозагадувањето најчести се заболувањата на респираторниот систем, потоа кардиоваскуларните, на ниво на срце и циркулација и, на крај, малигните заболувања. Најголемата причина за смртност од малигните заболувања во светот е белодробниот карцином.
Според Заводот за статистика, во првото тримесечје од оваа година во Битола е поголема бројката на починати, отколку на родени – 288 наспроти 235. Во 2013 година во Битола умреле 1.154 лица, од кои 227 лица се на возраст од 45 до 64 години. 28 лица, пак, се на возраст од 25 до 44 години. Кај 203 лица како причина се води неоплазма, а кај дури 512 лица причина е циркуларниот систем.

Пошумување кај РЕК „Битола“
„Република“ беше во Битола. Луѓето се жалат дека чувствуваат тешкотии во дишењето. Велат, настинките не ги одминуваат, се борат со нив речиси секој месец. Некои од нив сметаат дека РЕК „Битола“ е една од причините за загадениот воздух. Рударско-енергетскиот комбинат Битола учествува со повеќе од 72 процента во вкупното производство на електрична енергија во македонскиот електроенергетски систем. Испитувањата направени по барање на Министерството за животна средина потврдуваат дека РЕК „Битола“ придонесува за загаденоста на воздухот. Тони Паспаловски, помошник-директор за инвестиции и за развој во РЕК „Битола“ вели дека се врши рекултивирање на просторот, се прават големи инвестиции во зачувувањето на животната средина, особено од издувните штетни гасови што излегуваат од РЕК „Битола“.
– Имаме инвестирано големи финансиски средства. Имаме мерења што ги вршиме нонстоп на три мерни места, го мериме штетниот воздух од РЕК на три километри и се задоволени сите норми на овие загадувачки елементи и затоа мислиме дека загадувањето од штетни гасови од РЕК не се одразува на околното население и тоа го потврдуваме со нашите мерења – коментира тој.
Минатата недела се вршеше есенско пошумување околу РЕК „Битола“, во рамките на акцискиот план за добивање интегрирана еколошка А-дозвола. Со оваа активност треба да бидат засадени 50.000 багремови садници на површина од околу 15 хектари. Секоја година 10-12 хектари се засадуваат, се пошумува веќе 10 години, но и откако постои рударско-енергетскиот комбинат.
Градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, вели дека доколку РЕК е загадувачот, има законска процедура за поставување и замена на филтри на оџаците. Но за тоа е надлежно Министерството за животна средина.
Да се утврдат главните загадувачи
Талевски вели дека проблемот со загадениот воздух нема да се реши само ако се набават две или повеќе мерни станици. Според него, треба да се утврди од каде доаѓа загадувањето на Битола. Дека проблем има, има, и ситуацијата е константен.
– За да успееме во тоа, треба да се утврди хемискиот состав на честичките што го загадуваат воздухот. На тој начин ќе можеме да преземеме конкретни чекори за спречување на загадувањето во Битола. Јас мислам дека нема битолчанец што не е за чист воздух во градот. Затоа сите треба да се обединиме околу оваа активност и во рамките на своите надлежности да направиме сѐ, ако не за да го спречиме, тогаш барем за да го намалиме загадувањето на Битола – коментира градскиот татко, кој додава дека во голема мера помогнале кружните текови што ги изградиле, подобрената инфраструктура.
Тој смета дека во сето ова е вмешана политика. Протестите на денот на ослободувањето во Битола ги гледа како политичка игра.
– Се најавија како невладина организација, но е вмешан СДСМ, кој објави дека поради нерешавањето на проблемот со загадувањето нема да учествуваат на прославата за ослободувањето. Суштината е сосема друга. Се работи за нешто што не е во целосен домен на општината. Душко Попот, кој ги води протестите, е од Општина Новаци. РЕК се наоѓа во Новаци. Мерните станици не се под надлежност на Битола, туку на Министерството. Сѐ е со политичка заднина – коментира Талевски. (Б.З.)
(Текст објавен во 114. број на неделникот Република, 7.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



