| четврток, 6 декември 2018 |

Борис Миливојевиќ за „Република“: Љубовта е главен двигател, со неа сѐ почнува и завршува

boris milivojevic

Српскиот актер Борис Милвојовиќ (42) ја толкува главната улога во филмот на Дарко Лунгулов „Споменикот на Мајкл Џексон“ со кој синоќа беше отворен 13. Фестивал на европски филм „Синедејс“ во скопското кино „Милениум“.

Филмот светската премиера ја имаше на 7 јули на угледниот фестивал во Карлови Вари. Тоа е копродукциски филм во кој поголемиот дел од екипата е од Македонија. Филмот се снимаше во Србија и во Македонија, а од Македонија во филмот учествуваа и сценографот Kирил Спасески, снимателот на звукот Игор Поповски, бум-операторот Дарко Бошковски, додека продуцент на филмот е Огнен Антов.

Дел од екипата синоќа беше во Скопје, а „Република“ направи интервју со главниот актер Миливојевиќ.

Го толкувате Марко, ликот што е полн со ентузијазам. Марко, за да го спречи заминувањето од градот на љубовта на својот живот, крева споменик на кралот на попот, Мајкл Џексон. Што е во состојба Борис да направи за љубовта?

МИЛИВОЈЕВИЌ: Го толкувам ликот на Марко, кој за да го спречи заминувањето на љубовта на неговиот живот од градот, подигнува споменик на Мајкл Џексон. Но, Марко не го прави тоа само поради љубов кон сопругата, туку и за општо добро. Имам впечаток дека тоа општо добро зависи од нашето општо лично добро. Секој сам си угодува во една најосновна, најбазична најпозитивна смисла и тогаш ги шириме круговите, односно себеси си правиме добро, но и на другите околу нас. За љубовта човекот е во состојба да направи многу големи дела и злодела, да направи најдобри и најглупави работи. Јас сум во состојба да направам се. Можеби, како што минуваат годините, сега имам 40 и повеќе години и не би направил нешто што би го сторил на 18 години. Уште мислам дека љубовта е главен двигател и нешто со кое сѐ почнува и сѐ завршува.

Дали ја сакате музиката на Мајкл Џексон. Дали некогаш сте шармирале девојка играјќи на „Трилер“?

МИЛИВОЈЕВИЌ: Ја сакам музиката, се занимавам со музика. Дома секој слободен момент го користам да направам некоја нова песна. Што се однесува до музиката на Мајкл Џексон, не бев некој голем обожавател на неговата музика, но ми се допаѓаа некои негови песни. Имаше три-четири хита. Но, тој секако не би ми бил прв избор кога јас би кревал некому споменик. Не сум шармирал ниту една девојка на „Трилер“. Шармирав девојки на друга музика, од други групи.

Целото интервју со Миливојевиќ ќе го прочитате во следниот број на неделникот „Република“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top