Дерон Вилијамс е нов рекордер во НБА, со 9 тројки во едно полувреме, во брилијантна претстава против Вашингтон, во која даде 42 поени за победа на Бруклин од 95-78.
Бекот постигна вкупно 11 тројки од 16 обиди и му недостасуваше само уште еден прецизен удар, зад линијата за 3 поени, за да го урне рекордот на Брајант и на Маршал, од 12 тројки на еден меч. Вилијамс сам го победи целиот противнички тим на Вашингтон, во првата четвртина која заврши со 38-14, што е прв таков случај по цела деценија.
-Вакво шутерско шоу не сум видел одамна. Дерон играше сам во нападот, ние само помагавме во одбраната – се пошегува Реџи Еванс. Тој и соиграчите навистина не беа расположени и дадоа само една тројка од 11 обиди, за разлика од Вилијамс, кој беше неверојатен со 11 погодоци од 16 удари.
Еден поен помалку постигна Коби Брајант, во триумфот по продолжение на ЛА лејкерс против Торонто, со 118-116. Тој беше човек на одлука со тројка за израмнување во регуларниот дел, на 5 секунди до крајот. Потоа, во дополнителното време со атрактивно забивање на 10 секунди пред звукот на сирената им донесе победа на „езерџиите“ од 118-116. Брајант даде 41 поен со 12 асистенции, а Двајт Хауард помогна со 24 поени и 13 скока. Демар ДеРозан беше најефикасен кај Торонто со 28 поени. Проблем за нив е новата повреда на Андреа Барњани, кој ја напушти играта во првата четвртина, по повредата на десното рамо.
Сан Антонио го претрпе најтешкиот пораз во „Данкан ерата“ на домашен терен. Ги декласираа кошаркарите на Портланд со 136-106.
Демиен Лилард беше незадржлив кај гостите со 35 поени и 9 асистенции, користејќи го отсуството на ол-стар бекот на Сан Антонио, Тони Паркер. Тим Данкан со 18 поени беше најефикасен кај Сан Антонио.
Резултати: Орландо – Индијана 86-115, Шарлот – Оклахома 94-116, Бруклин – Вашингтон 95-78, Кливленд – Мемфис 92-103, Детроит – Далас 99-102, Бостон – Атланта 107-102(п.), Мајами – Филаделфија 102-93, Чикаго – Јута 89-88, Сан Антонио – Портланд 106-136, Сакраменто – Феникс 121-112, Голден стејт – Хјустон 88-94, ЛА лејкерс – Торонто 118-116(п.).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.