
Во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија денеска во Спортскиот центар „Билјанини извори“ во Охрид првпат ќе се организира Саем за вработување, активност замислена како можност за директно поврзување на работодавците и лицата што бараат работа.
Саемот во Охрид е предвидено да опфати работодавци од приватниот сектор, невработени лица, ученици и студенти од Охрид, Струга, Кичево и од Македонски Брод, а свои презентации да имаат и владини институции, како и организации од невладиниот сектор.
Според организаторот на саемот, работодавците ќе имаат можност да ја презентираат својата дејност, условите за работа и за вработување, потребите од работна сила и своите развојни планови. За таа цел на располагање ќе имаат бесплатни штандови, каде што ќе можат да ги постават своите рекламни материјали. Исто така, ќе имаат можност и да остварат директен контакт со заинтересираните посетители, кои ќе можат да остават своја кратка биографија, да дискутираат за прашања од нивен интерес и слично.
Во рамки на саемот како посебна активност се предвидени и форуми со работодавци, на кои ќе бидат презентирани услугите и можностите за вклучување во активностите на Агенцијата за вработување, а работодавците ќе можат да поставуваат прашања, но и да даваат свои предлози, низ интерактивно учество во дискусии кои се однесуваат на пазарот на трудот и на вработувањето во државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


