Во продолжение на НБА-лигата, синоќа беа одиграни девет натпревари. Кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс забележаа уште еден пораз и со тоа ја имаат најлошата сезона во историјата.
И покрај тоа што Коби се врати во тимот по една година пауза, не успеа да му помогне на својот тим да дојде до победа на домашен терен. Брајант уфрли 33 поени и забележи 5 асистенции, но тоа беше премалку за победа против Њу Орлеанс.
Кошаркарите на Атланта ја забележаа третата победа во низа откако триумфираа над Јута со 100:97. Перо Антиќ во победата на својот тим постигна шест поени. Атланта стигна до четвртата победа во седмиот натпревар, додека Јута има скор од три победи и шест порази.
Антиќ на теренот мина нешто повеќе од 19 минути, од поле погоди два од петте обиди и реализираше едно од двете слободни фрлања, а имаше и пет скока. Пол Милсап ја предводеше Атланта со 30 поени и 17 скока, додека Кајл Корвер имаше 17 поени, 10 скока и 6 асистенции.
Хјустон заедно со Мемфис е лидер во Западната конференција, двата тима во осум натпревари имаат само по еден пораз. Седмата победа во сезоната Хјустон ја забележи во Мексико Сити над Минесота 113:101. Двајт Хаурад постигна 23 поени и10 скока, додека Џејмс Харден натпреварот го заврши со 22 поени, 10 асистенции.
Орландо победи во Њујорк со 97:95, Џеј Ар Смит не успеа да го реализира последниот напад за Никси. Њујорк го забележи седмиот пораз во деветтиот меч сезонава. Кармело Ентони со 27 поени беше најефикасен кај Никси, додека Орландо го предводеше Никола Пековиќ со 20 поени и 13 скока.
НБА РЕЗУЛТАТИ: Вашингтон – Детроит 107-103,
Атланта – Јута 100-97,
Бостон – Оклахома 94-109,
Мајами – Индијана 75-81,
Њујорк – Орландо 95-97,
Њу Орлеанс – ЛА Лејкерс 109-102,
Денвер – Портланд 113-130,
Феникс – Бруклин 112-104,
Минесота – Хјустон 101-113.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.