Најновата рунда во преговорите за решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција со сличен епилог како и претходните – нема напредок, а ниту пак нов предлог за решавање на овој долгогодишен проблем, соопшти посредникот на ОН, Метју Нимиц.
Тој на одделните средби со преговарачите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, а потоа и на заедничката, разговарал за состојбата на преговорите, разните пристапи кон решавањето на овој спор, како и за што поскорото продолжување на преговорите меѓу двете страни.
„Знаеме дека ова е многу тешко прашање. Денес немаше постигнат напредок но решени сме да ги продолжиме разговорите во следните месеци. Разговаравме за некои идеи од минатото, до која мера би можеле да успеат а до која треба дополнително да се средат“, изјави Нимиц во средата по завршувањето на заедничката средба со Наумовски и Василакис.
Македонската страна побарала интензивирање на разговорите меѓу Скопје и Атина, како и организирање на средби на високо политичко ниво, што би можеле да резултираат со придвижување на процесот. Посредникот Нимиц пак, додал дека решението за спорот мора да биде постигнато со меѓусебна почит од двете страни.
„Двете соседни земји ќе мора да живеат заедно и да научат да се прилагодат на потешкотиите кои се случуваат кога историските народи поинаку гледаат на историјата“, изјавил посредникот, додавајќи дека членките на Европската унија се особено заинтересирани да се најде решение на спорот за името, бидејќи ова има влијание врз проширувањето на Унијата и го блокира почетокот на пристапните преговори со Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.