Сите активности кои ги спроведуваа Управата за јавни приходи, Пазарната инспекција и МВР во содејство како надлежни институции завршија исклучително успешно, детектирани се огромен број прекршоци, санкционирани се сторителите, поднесени се барања за поведување прекршочна постапка, а многу од објектите каде што се констатирани посериозни прекршувања на законот се затворени и согласно закон изречена им е мерка забрана за вршење дејност.
Ова е одговорот на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на новинарското прашање во врска со последните големи акции кои деновиве ги спроведоа УЈП, Пазарната инспекција и МВР.
– Успешноста на овие акции само ја потврдува нивната оправданост и ни дава за право да го зголемиме интензитетот и тие да продолжат и во иднина најмалку со истиот, а по потреба и со зголемен интензитет. Притоа не ја исклучуваме моноста и за вклучување на други соодветни институции во зависност од типот на контролата која се врши – нагласи Јанкулоска денеска по предавањето што го одржа во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје за влијанието на алкохолот, дрогата и психотропните супстанции кај младите – од безбедносен и од здравствен аспект.
По барање на новинарите да го коментира неодамнешното преземање на одговорноста од извесна национална ослободителна армија за пукањето врз владината зграда, Јанкулоска потенцира дека МВР од професионални причини не може јавно да ги каже сите мерки и активности кои се преземаат.
– Ве уверувам дека се што е во рамки на нашите законски надлежности и што ни стои на располагање како алатка за откривање на какви било состојби во општеството кои се во интерес на безбедносните служби ќе биде применето – рече министерката Јанкулоска.
За информациите во врска со патролирањето на т.н. гарда на Илирида, таа апелираше до претставниците на медиумите да бидат прецизни во пренесување на изјавите на официјалните лица на МВР, затоа што информацијата од СВР Тетово беше дека е примена таква пријава.
– Во моментот кога е примена пријавата веднаш се преземени сите дејствија кои се соодветни на една ваква ситуација и доколку се случи да бидат лоцирани такви лица, што до моментот не се случило, ние ќе пристапиме кон спроведување соодветни мерки за нивно лишување од слобода. Доколку утврдиме постоење на какво било прекршување на законот ќе биде поднесена соодветна пријава – појасни министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.