Во пресрет на подготовката на новиот број на „Лице в лице“, чија носечка тема е „Правото на домување“, магазинот распишува конкурсот за ликовни творби на тема „Мојот дом“ на кој сите деца од пет до 10 годишна возраст можат да ја споделат својата идеја за домот.
„Конкурсот трае од 10. ноември и ќе биде отворен до 24-ти овој месец, до кога ќе ги очекуваме творбите на малите креативци во дигитална (скенирана) верзија на нашиот мејл licevlice@cma.mk. Може да се испраќаат скенирани верзии на цртежи направени на хартија, или пак дигитални цртежи кои децата ги направиле на таблети, на мобилни телефони или на слични гаџети од новата технологија“, велат од „Лице в лице“.
За најдобрите три дела од пристигнатите ќе одлучува тричлено жири, а за најуспешните мали автори ќе бидат обезбедени пофалници и награди, како и објава на страниците на новиот број на единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“.
Целта на овој повик е да се поттикне детската креативност и фантазија, но, во исто време, сите заедно, да размислуваме за правото на домување на секој човек.
Центарот за медиумски активности (ЦМА) од Скопје, организација која е издавач на „Лице в лице“ и спроведувач на истоимената Платформа за активизам во земјава, заедно со „Хабитат Македонија“ креираше иницијативата за промоција на домувањето како основа за човековиот развој, која ќе биде расчленета во новиот број, каде ќе бидат објавени и дел од најуспешните творби кои ќе пристигнат на овој конкурс. Целта на оваа иницијатива е да се истакне проблемот на сиромашното домување и последиците од него во јавноста, но и да се промовираат опции за надминување на овој проблем и придобивките за поединецот, семејството и заедницата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.