Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска и утре ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе има средба со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан.
Како што најави МНР, Попоски ќе се сретне и со известителот за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл, со ко-претседавачот со Заедничкиот парламентарен комитет Алојз Петерле и со европратеникот Келам Туне.
Планирано е шефот на македонската дипломатија да има заедничка средба и со претставниците на земјите-членки на ЕУ во Комитетот за Западен Балкан во Советот на ЕУ.
– За време на престојот во Брисел, се очекува министерот Попоски да настапи на Конференцијата „ЕУ, Балканот и регионалната стабилност”.
На средбите се очекува да се разговара за актуелни прашања поврзани со европската агенда на Македонија, во контекст на последниот Извештај на Европската комисија и перспективите на евроинтеграцискиот процес на Македонија за следната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.