| четврток, 6 декември 2018 |

Прва победа за Лејкерс, прв пораз на Голден Стејт

Во синоќешните натпревари од НБА лигата, екипата на Лос Анџелес Лејкерс го запиша првиот триумф оваа сезона, откако со резултат 107-92 беа подобри од екипата на Шарлот и со тоа ставија крај на лошата серија од пет порази.

Најефикасни играчи кај „езерџиите“ беа Коби Брајант и Џереми Лин со по 21 поен.

Феникс против Голден Стејт стигна до четвртата сезонска победа, а со тоа им го нанесе и првиот пораз на Вориорс. Во НБА лигата сега веќе нема непоразен тим. Ајзеа Томас постигна 22, а Горан Драгиќ 19 поени за Санси. Стефон кари со 28 поени беше најефикасниот играч на Голден Стејт.

Бруклин во интересен натпревар славеше над Орландо со 104:96, а натпреварот го одбележаа играчите од балканските простори. Бојан Богдановиќ го одигра најдобриот меч за Бруклин од почетокот на сезоната, тој постигна 22 поени, додека Никола Вучевиќ со 27 поени и 12 скокови беше најекспонираниот играч на Орландо.

Мајами со победата во Далас од 105:96 стигна до петтиот триумф сезонава. Луол Денг постигна 30, а Крис Бош и Двејн Вејд по 20 поени за Мајами, првиот запиша 10 скока, а вториот исто толку асистенции. Монта Елис со 23 поени беше најдобар кај Далас, додека Тајсон Чендлер имаше 16 поени и 15 скокови.

Оклахома, без најдобрите играчи, го победи фаворизираниот Сакраменто со 101:93, Торонто ја декласира Филаделфија со 120:88, Портланд забележа убедлива победа над Денвер од 116:100, а Јута минимално го победи Детроит со 97:96.

Резултати:

Детроит – Јута 96:97,

Оклахома – Сакраменто 101:93,

Торонто – Филаделфија 120:88,

Далас – Мајами 96:105,

Феникс – Голден стејт 107:95,

Портланд – Денвер 116:100,

ЛА лејкерс – Шарлот 107:92,

Бруклин – Орландо 104:96

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top