Деновиве Форбс ги прогласи петте најмоќни луѓе на светот.
Тоа се:
Владимир Путин, Барак Обама, Кси Јингпинг, Папата Франциско, и Ангела Меркел.
На упатените им е и повеќе од јасно, дека гореспоменатите се само марионетки. Кој навистина ја има моќта?
Широките народни маси?
Се разбира. Заедништвото, сплотеноста и смислата за целина, верувале или не, се изворот на моќта.
Поединецот е приказна за себе. Да речеме, горнава листа губи од својата тежина без името на Опра или Цукерберг на неа…
Секој поединец од „масите“ има свое име и презиме, своја биографија, свои предиспозиции за среќа. Свое чувство за одговорност или вина и подиспран мозок. Најнакрај, сепак секој сам си е ковач на сопствената среќа…
Одбери пред изборот да те избере тебе. Можно ли е?
И тоа како.
Избегнувај цинизам за појадок.
Наместо тоа во муслите замешај добра мисла и позитивна вибрација. И за да не зазвучи патетично, помалку гледај вести… Инаку, ќе почнеш да се прашуваш, зошто баш тие и според кои критериуми?
Дали се тоа земјите коишто поседуваат најмногу нуклеарно оружје? Или памет?
Во што се состои моќта и како таа да се стекне? Што е моќта?
Велат дека најголемиот страв што се крие во потсвеста на човекот е стравот од неговата лична, но притаена моќ.
Тоа „притаена“, му доаѓа нешто како потенцијална енергија. Или нешто како неосвестен потенцијал. Или скриен талент. Тоа е животната приказна на Сузан Бојл којашто преку ноќ, со помош на едно реално шоу, стекна светска слава затоа што од нигде никаде и текна дека можеби има добар глас и дека на публиката можеби ќе и се допадне како таа пее. А што правеше пред тоа? Чуваше кокошки? Беше осредна локална претприемачка? Продаваше украси за коса во коишто вметнуваше сушени цветови од градината на нејзината покојна баба?
Во секој случај, потребно е да се забрише прашината и потенцијалот да се стави во погон, во движење. Кинетичката енергија, или „енергијата во движење“, е енергијата што прави чуда.
Постои и таква дефиниција за емоциите, дека токму тие се таа фамозна енергија во движење. И кога веќе сме кај нив, вистинско мало чудо е колку многу од човечките чувства зависат од хормоните. Од хемијата. На пример, сокот од боровинки, придонесува за доброто расположение.
Кофеинот – за побрзо расонување.
Алкохолот – може да делува на промена на свеста.
Никотинот – на смирување на болката и отпуштање на напнатоста.
Храната е поврзана со чувството на ситост и глад. Човек може да биде најаден и дебел, и незадоволен. Може да биде гладен, не многу дебел и задоволен. Како? Дали понекогаш синџирот на причинско последични врски трокира? Или чувствата имаат лице и опачина? Кои се обратните перспективи на емоциите?
Среќа, ситост, мачнина, незадоволство, страдање, грижа на совест, радост, исчекување, казна, трепет, жртва, награда, и друго. Некои се чувства, а некои се состојби или ситуации предизвикани од драматичниот набој на емоциите.
На пример, старите велат дека не е добро човек да јаде ако во себе има некаква притаена негативна емоција, од типот на омраза или гнев. Ако јаде во таква состојба, храната ќе му се претвори во отров. Има случаи кога на луѓе во конц логори им било давано да пијат отров, но заради нивната силна волја и позитивна мисла тој не можел да делува, што не значи дека ова е правило од кое можат да профитираат фармацевтските компании или прехрамбената индустрија. Напротив, тоа е исклучокот што го потврдува правилото.
А што да речат уличните кучиња? Бездомниците? Бутур не им е и целата содржина на контејнерот ако заврши во нивниот желудник. Или оние препуштени на самите себеси…кај нив јадењето не е симбол на награда или казна, туку едноставно –јадење. Таквите имаат скапоцена шанса да се челичат преку спартански методи на храњење, но тоа само во случај кога митот за тоа дека она што не нè убива нè прави посилни, излегува од рамките на митологијата без да заврши во вид на вакцина против сезонскиот грип…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.