Да се разбереме. „Жена“ не е жена.
Жена е принцип. Космички принцип. Жена е трајната вредност на мажот.
Жена е вселена.
Мажот е милион ѕвезди, ако е така.
Жена е малку нешто повеќе од поезија а нешто помалку од драма. Хистерија може да биде нејзиното второ име, ако мажот пие. Тогаш има два пата: или да му се придружи во кафеана и за неа да се зборува дека е машкоданка, или да седи дома и да се самосожалува. Жената којашто знае што сака, секогаш одбира пат по кој оди само таа.
Ако кратко потоа, на патот дојде до одрони, или некаков застој, или „работа на патот“, или ако се почувствува премногу осамена, или ако се најде среде толпа, не се колеба. Едноставно се потсетува дека Таа е Патот.
Таа чекори затоа што од внатрешната страна на нејзините чевли пишува „ентузијаст“. Чевлите се рачно изработени и уникатни.
Жената знае да заглави во патетика само ако испие повеќе одошто нејзиното тело може да поднесе. Жената, се разбира е идеална само кога молчи.
Молчаливата жена денес е реткост како што се ретки вистинските скапоцени бисери по кои трагаат историчарите на уметност. (Секако, се мисли на молчењето како злато и молчењето коешто е зборување самото за себе).
Жената сама по себе е подарок. Не кога ќе се роди и кога таткото резигнирано ја одложува фудбалската топка во фиока. Кога се чека нејзиното доаѓање како шанса да се исполни ветеното.
Ако нејзините родители уживале барем малку во мигот на нејзиното зачнување, таа има држење на принцеза; а ако овие ја правеле скришно, во темница и со грижа на совест, или случајно, можно е да се роди некој како Салмон Ружди, Анита Мурџани или слично.
Ако жената е планирана, нејзиниот живот е како река што и на другите им го олеснува патот. Ако мајка ѝ во првите три месеци на бременоста се двоумела дали да ја абортира, а потоа сепак ја родила, таа ќе се роди со тетоважа „кафка“ на левата плешка. Ќе пишува конфузна поезија, а најголем успех ќе ѝ биде кога ќе учествува на балканската конференција за правата на жената.
Да се разбереме: не постои судија на овој свет што ќе успее да го отфрли обвинението „жена“ само поради недостиг на докази. Барем не ако е роден од жена. А на сите што не се од овој свет таквата жена им посакува среќно мажење. Ма-ж=ена жена е човек полумаж полужена. Сирената тоа го прави со риби…
Во светот на животните нема жени. Има инстинкти. Дупки и пополнување на дупките. Има гнезда, стада и чопори. Во светот на минералите има кристали. Тоа дека жената е нешто како минерална вода без која не може ниту еден маж е жива вистина, не е реклама.
„Жена“ е кристализација на мажот. На осми март кристалот има форма на снегулка.
Жена како Марадона може да даде гол со високи потпетици (High Hills).
Жена како Тарантино може да проба и со некој што не е Ума Турман, што ќе рече: Лив Улман.
Некои тоа го сакаат жешко: жена како Мерлин Монро чучи во секој од нас, мажите. Моника Белучи не чучи. Стои.
Жена, тоа е она парченце космос во телото на мажот што го тера да ја надмине својата нарцисоидност и да ѝ дозволи на саканата да биде „горе“. Папучар не е некој што ѝ дозволува на жената да биде над него, папучар е најголемиот подарок што жената си го дава самата на себеси. Мир во куќата, мир во светот.
Здравјето и среќата на жената не доаѓаат од папучите туку од нејзината матка. Пророчиштето од Делфи од таму ги изнедрува своите визии. Жена е некаков микс од сето тоа: матка, визија и пророштво.
Жена, тоа се помошните педали на детскиот велосипед што детето ги отфрла кога ја совладува вештината на возење. Жена е само нешто малку повеќе од тркало.
Жената е асиметрична секогаш кога мажот во неа сака да си ја провери големината. Таа едноставно му допушта.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст