| четврток, 6 декември 2018 |

„Магор“ ја објави книгата „Режисерската поетика на Бранко Ставрев“ од Иван Ивановски

Во издание на издавачката куќа „Магор“ од Скопје, излезе од печат книгата „Режисерската поетика на Бранко Ставрев“ од Иван Ивановски. Книгата, која претставува осврт на професионалниот живот на режисерот Бранко Ставрев, дава приказ на неговиот богат режисерски опус и на неговиот творечкиот потенцијал виден преку претставите што ги поставува на повеќе сцени во нашата земја и во странство.

Митко Маџунков, кој е автор на поговорот на книгата, ќе напише„Бранко Ставрев е еден од неколкуте најзначајни македонски режисери, а Иван Ивановски е еден од најзначајните хроничари на македонскиот театар. Од оваа драгоцена книга видливо е дека хроничарот одел по стапките на режисерот како детектив кој не сакал да испушти ниту еден важен детаљ од неговата дејност. Таквата невидена посветеност, тоа дневно следење на еден автор, на еден режисер, од град во град, претстава по претстава, е нешто што е за почит само по себе: тој чин бара голема професионалност, а и голема пожртвуваност“. Маџунков за театарската студија ќе истакне дека претставува важна монографија во нашиот културен живот, а за Бранко Ставрев ќе додаде: „речено е дека е најголем писател меѓу режисерите и најголем режисер меѓу писателите“.

Иван Ивановски (Дебар, 1930 година) има објавено повеќе од 50 книги со театарска проблематика. За позначајни се издвојуваат: „Ликовите на Петре Прличко“ (студии), „Половина век театар во Македонија“, „Обласниот Македонски народен театар во Горна Џумаја“, „Основоположници на македонската актерска уметност“, „Плодови на времето“ (театарски критики), „Театарски аспекти“ (мини-есеи) и „Траги во времето“ (театарски разгледи, осврти, белешки, есеи). Импозантен број прикази и осврти има објавувано во речиси сите дневни и периодични медиуми во Македонија, а исто така и во регионот. Ивановски, целиот свој работен век го минува во Радио Скопје, а по пензионирањето продолжува да се занимава со пишување театарска критика, есеи и друго. Тој е прв селектор на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Ивановски ги има добиено следниве признанија: покрај двете највисоки државни награди – „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, тој е добитник и на наградата на Град Скопје – „13 Ноември“, на државнотопризнание – „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ од областа на публицистиката, на наградите за животно дело на Фестивалот на македонскиот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и на Здружението на новинарите на Македонија „Крсте Мисирков“, на годишната награда „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра книга на критики на годината (2012), како и на плакетата „Златен Дедал“ што Универзитетот за визуелни уметности во Скопје ја доделува за животно дело од областа на театарската критика и друго.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top