| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија со одлична соработка со реномираниот медицински центар „Роналд Реган“

Во рамки на неколкудневната посета на САД, премиерот Никола Груевски, вчера во Лос Анџелес оствари средба и со претставниците на реномираниот медицински центар „Роналд Реган“ со кого веќе Владата има соработка за обука и размена на лекари. На средбата беа разгледувани можностите за остварување на продлабочена соработка во повеќе области и сфери, како и развивање на нови форми на заедничко дејствување.

Премиерот Груевски по средбата изјави дека пред две години беше договорена соработка со „Роналд Реган“ медицинскиот центар која опфаќа обука на македонски лекари во овој медицински центар, и дека до сега вкупно 29 лекари оствариле пракса и работа во Лос Анџелес при што изучувале нови методи на работење кои што веќе започнаа да се применуваат и во Македонија.

– Мене ми беше задоволство што со претставниците на овој огромен медицински центар денеска имавме заедничка средба. Главно разговорите ги водевме во неколку правци: прво значително зголемување на бројот на лекари кои што ќе доаѓаат во Лос Анџелес, за што тие покажаа целосна спремност и подготвеност, тие се задоволни од досегашната работа на македонските лекари и ги оценуваат добро нивните перформанси и нивното работење. Второ, им го претставивме концептот на слободни здравствени зони и ги поканивме да размислат и да проучат евентуално нивно вклучување во овој проект. Тие иако немаа такви излегувања надвор од Америка, покажаа интерес особено ако најдат некоја компанија која би ја изградила болницата, а тие да влезат со своето знаење и искуство. Тоа им е посебно интересно и доколку се вклучат и се кандидираат да отворат болница тогаш таа би била регионална за целиот поширок регион. Третата тема за која што разговаравме е доаѓање на нивни лекари во Македонија и престој на подолг период. Тие потврдија дека се согласни за оваа работа, така да ние ќе ги продолжиме разговорите во таа насока – изјави премиерот Груевски по средбата.

Директорот на „Роналд Реган“ и медицинскиот центар Томас Коутс изјави дека повеќе македонски анестезиолози, хирурзи, кардиолози и педијатри се обучуваа во болницата во Лос Анџелес, и изрази задоволство од нивниот ангажман, способност и квалитетна работа.

-Заедничката соработка продолжува. Постои одлична размена на знаења. Од аспект на развој на соработката во други сфери на медицината заинтересирани сме за соработка во сферите на хирургијата, анестезиологија, рано откривање на ризични болести. Но, и во развивање на соработката во сферата на болничкиот менаџмент, во поставувањето на систем на грижа за луѓето која е добра ефикасна и квалитетна. Многу сум задоволен од она што го прави Македонија за здравствениот систем и заложбата да стане магнет за здравствена заштита во регионот. Тоа е интересна можност особено да се привлекуваат луѓе од целиот регион. Нашата цел како болница е да го приближиме светот во нашиот „Роналд Реган“ медицински центар, но и нашиот центар да го доближиме до сите региони во светот. Нашата соработка со Македонија е многу важна и ја цениме – изјави директорот Томас Коутс.

„Роналд Реган“ медицинскиот центар е еден од најзначајните медицински центри во САД кој е истовремено и универзитетски центар каде се развиваат повеќе научни процедури и постапки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top