Македонската пејачка Мијата на 12 ноември во „Метрополис арена“ ќе настапи на Скопскиот фестивал со песната на Тања Царовска „Заљубен“. Возбудена е бидејќи првпат ќе има настап со оркестарот на МРТ, во живо. Пред осум години, во 2006 година таа пееше на Скопскиот фестивал „Цвет во постела“, но тогаш фестивалот се одржа во студио на МТВ. Пред десет години, на овој фестивал дебитираше како композитор и текстописец. Јавноста ја препознава по песните „Верувам во себе“, „Волшепства“, „Постојам“, „Нема да помине“, „’Ко деца мали“. Професионално, вработена е како контролор на летање на скопскиот аеродром „Александар Велики“, мајка е и сопруга и вели дека талентот за музика ѝ е дар од Бога.
Цела деценија си дел од македонската музичка сцена, почнувајќи од „Идол“ во 2004 година, но малкумина знаат за твојот настап за Фестивалот за француска шансона. Кажи ни нешто повеќе за тој избор од каде што почна сѐ.
Мијата: Тој фестивал беше поделен на избор за најдобра француска шансона во средношколска и во студентска конкуренција. На тој фестивал победив во 2003 година. Тогаш бев студентка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Професорката по француски јазик Клементина Хаџи-Лега ми кажа за Фестивалот. Нејзин беше предлогот да настапиме. Ја испеав песната „Pardonnez moi“. Текстот и музиката беа мои. Настапивме во поранешниот театар „Центар“, а во жири-комисијата беше Биба Додева. Победници на тој фестивал се и Додева, Кристина Арнаудова, Васил Зафирчев… Како победничка на македонскиот избор заминав во Сплит, да ја претставувам Македонија. Оваа песна како да ми ги отвори вратите. Со „Pardоnez moi“ земав залет да се осигурам дека тоа што јас музички имам што да го кажам, сигурно, вреди. Таа награда ми беше како потврда. Во Сплит имаше млади и квалитетни луѓе од сите страни на Европа и оттаму имам само најубави спомени. Во тој избор победи Хрватка, јас како награда добив патување во Париз. Таа песна, еден ден, ќе се најде на некои од носачите на звук. Но, прво треба да решам да обезбедам време, да ме има повеќе, и после самото ќе си дојде.
Имаш одличен вокал и музичките критичари тоа постојано го нагласуваат. Но, дали те навредува тоа што за медиумите си интересна и кога се разговара за твојата телесна тежина?
Мијата: Воопшто не ме навредува и дури ми е драго што добивам медиумски простор да допрам до луѓето што се борат со тежината. Јас имам многу нормален живот и, можеби, поради тоа не сум интересна постојано да ме има во медиумите. Но, осцилирам со килажата и јавно се борам со тоа, затоа што тоа е и мој демон. Сето ова што го правам како кампања со слабеењето и со протекал-диетата е, пред сѐ, за мојата потсвест да сфати и да се засрами. Мислам дека на луѓето им се допаѓа кога за јавни личности ќе прочитаат дека имаат каков било проблем и се борат со него, тоа дејствува инспиративно. Сите ние сме луѓе. Отсекогаш ми се допаѓала Опра Винфри. Нејзината мака со тежината сите јавно ја следевме, таа не го криеше својот проблем. Луѓето ги зближуваат маните.
Поради здравствените проблеми, мораше да се откажеш од јагленохидратите. Од што не би се откажала?

Мијата: Од семејството. Кога имаш молекули од твоето срце излезени надвор од тебе и ги гледаш, тогаш си во „црвена зона“ на емотивна слабост. Од музиката не можам да се откажам, таа ми е дадена од Бога.
На две недели пред настапот на Скопскиот фестивал ја пушти во етер и новата песна „Телово гори“. Кој е автор на песната?
Мијата: Текстот на песната е на македонски и на англиски јазик. Жанрот е мек блуз од педесеттите години. Јас сум автор на музиката и на текстот, а аранжманот е на Трајко Симоновски-Таци. Со него соработувам успешно веќе неколку години. Композицијата е многу жива и сакавме да звучи како од настап во живо. Таа песна беше дел од репертоарот на мултимедијалното шоу „Јаболки и круши за уметнички души“.
Со која песна ќе настапиш на Скопскиот фестивал на 12 ноември во „Метрополис арена“ во Скопје?
Мијата: Ќе пеам песна со наслов „Заљубен“, каде што Тања Царовскае автор на музиката и на текстот, a аранжманот е на Роберт Билбилов и на Дарко Димитров. Ја снимавме во студиото „М2“ на Македонската телевизија и многу бев возбудена затоа што првпат снимав во тоа студио. Со Царовска се сретнавме неодамна и имавме многу инспиративен разговор. Се согласивме дека ние сме од ова поднебје и тука имаме уште многу да придонесеме за да ја збогатиме нашата музичка ризница.
Велат дека контролорите на летови решаваат повеќе ризични ситуации отколку сите други луѓе за целиот живот. Како се чувствуваш? Има ли секој проблем решение?
Мијата: Секој проблем има најмалку две решенија. Не е тоа само искуство од работата како контролор на летање, туку и филозофски и психолошки. Токму таа безизлезна состојба ни прави проблеми, нам, на луѓето. Секојдневните работи во текот на денот, кога треба да донесам решение, не се секогаш поврзани со контролата на летање. Има семејни, професионални, музички одлуки и кога ќе бидеш истрениран како контролор брзо да донесуваш одлуки, може ефикасно да го исполниш денот до максимум.
Кои работи го прават животот поубав?
Мијата: Адреналинот на работа ми го прави животот поубав. Секој ден ми е различен, интересен. Работата ме чува од монотонија. Потоа возењето автомобил, возењето во градски автобус. Некогаш вистинска песна во вистинско време. Некогаш утринска прегратка од син ми е доволно цел ден да ми биде убав. Есенски ден да одам во Долно Дупени на плажа и цел ден да гледам во езерото. Нема конкретен рецепт. Само треба да си ја слушаш душата и да одговараш на нејзините молби, колку што е возможно. Важно е секогаш да се задржи хармонијата.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Акустичната кабаре претстава „Јаболки и круши за уметнички души“ на Мијата вечерва во Македонска филхармонија
-
Акустичната кабаре претстава „Јаболки и круши за уметнички души“ на Мијата во Македонската филхармонија
-
Мијата манекенка на Моден викенд Скопје
-
„Дај ми да бидам човек свој“ – порачува Мијата (видео)


