
Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, денеска во просториите на Министерството за култура се сретна со дел од корисниците на стипендии од Министерството за култура кои во изминатиот период, како дефицитарни кадри во областа на филмот, театарот, музиката, танцот, литературата, ликовната уметност, заштитата на движното и недвижното културно наследство, се доедуцираа на познати високообразовни институции во светот.
По средбата, на прес-конференција Канческа-Милевска пред новинарите истакна дека оваа поддршка е од витално значење и за развојот на овие уметници како професионален кадар, но и за целокупниот културен развој на Република Македонија.
– Грижата за младите уметници и за дефицитарните кадри е еден од приоритетите во нашата културна политика и токму затоа секоја година во годишната програма на Министерството се обезбедува поддршка за стручно усовршување на талентирани уметници и дефицитарни стручни кадри во сите дејности од областа на културата: во филмот, театарот, музиката, танцот, литературата, ликовната уметност, заштитата на движното и недвижното културно наследство – рече Канческа-Милевска.
Таа појасни дека во годишната програма во просек се поддржуваат околу 50 редовни, постдипломски и докторски студии и специјализации во странство, со приоритет на студиите што ги нема во образовниот систем во нашата земја, се поддржува стручно усовршување на дефицитарни стручни кадри за непосредна заштита на културното наследство, како и стручно усовршување во странство на кадри за менаџмент и маркетинг во културата и примена на нови технологии.
– Некогашните стипендисти денеска се реномирани уметници на сцената во Република Македонија, балетски и оперски уметници во Операта и во Балетот при МОБ, музичари во Националниот симфониски оркестар, режисери и актери во националните театри во Македонија, професори на факултетите во Македонија, куратори во музеите, уметнички селектори, како и директори на некои од националните установи – рече министерката Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


