Политичка ли е одлуката Работнички да не го продолжи прекинатото дерби со МЗТ Скопје и кој ја донесе одлуката најтрофејниот клуб да не доигра поради отсуство на дел од највоинствените навивачи на едната трибина?
Какво е тоа соопштение од спротивниот табор во кое се вели дека најнормална работа е да има прекини на мечевите меѓу двата најголеми ривали во македонскта кошарка?
Судиите во 27. минута од вечното дерби пресудија, поради фрлање тврди предмети на паркетот, да се испразни трибината зад кошот, каде што традиционално се сместени „Сити парк бојс“, навивачи на Работнички.
Тоа се случувало и порано, и односот на навивачите е за најостра осуда, но никогаш раководството на тимот што има 14 титули не донело таква драстична одлука да не се доигра мечот. Особено не во добитна позиција за клубот, а овојпат беше токму така. Работнички имаше предност од 51 – 35 на 13.05 минути до крајот на мечот и веројатно ќе победеше на терен.
Постапките на навивачките групи на двата тима веќе подолго време се толерираат на штета на вистинските љубители на кошарката, кои немаат можност на мир да ги следат дуелите меѓу Работнички и МЗТ Скопје. Одамна веќе тоа не е дерби за уживање, за семејна атмосфера, како што е секаде во свет, особено на кошаркарски натпревари.
„Не играме без присуство на навивачите“, е официјалното соопштение на претставникот на КК Работнички.
Да се правда одлуката да не се доигра меч поради празнење на трибините од каде што постојано се иницираат инцидентни ситуации е погубно за клуб со реноме какво што има Работнички.
Соопштението што стигна од МЗТ Скопје, исто така, е спорно, а и таму ситуацијата со навивачите не е розова.
„Прекин на дербито помеѓу вечните ривали можеби е и најнормална и редовна практика во досегашните дуели….“, се вели во почетокот на соопштението на МЗТ Скопје.
Наместо да се работи сериозно на проблемот со навивачките групи, кои се заштитени како мечки, на штета на обичните љубители на кошарката за кои и буквално нема место на трибините за мечевите, во македонската кошарка има трагични одлуки да не се игра поради отсуство на „траблмејкерите“ и соопштенија во кои се вели дека е најнормална работа да има прекини.
Кога во целиот калабалак ќе се вклучат грдите слики, со огромно присуство на полициски сили на паркетот и на трибините, сосема е нормално чувството на страв што се јавува кај обичните симпатизери на кошарката. Спорт ли е, војна ли е? Има ли место на трибините за родители со деца, за идните кошаркари што сакаат да ги гледаат своите идоли, Гечевски, Чековски, Дамјан Стојановски, Марко Симоновски….
Време е за пресврт, додека не е доцна. Да се врати сјајот на дербито на македонската кошарка и на хулиганите и предизвикувачите на инциденти да им се покаже црвен картон. Ним местото им е надвор, далеку од трибините и од салите. Клубовите треба напорно да работат за да ја вратат довербата на вистинските љубители и познавачи на кошарката, за да се врати стариот сјај на дербито. Такво нешто не се прави со трагикомични одлуки и со соопштенија.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.