| четврток, 6 декември 2018 |

„Вечери на женски права“ во Кинотека

2325749-Wonder-Woman

Од денеска до 10 март во Кинотека на Македонија, веќе четврта година по ред, ќе се организираат „Вечери на женски права“, во рамките на кои ќе се прикажат три филма што ќе поттикнат различни дебати за да се понуди културна алтернатива во одбележувањето на празникот 8 Март. Темата на четвртото издание на „Вечери на женски права“ е претставувањето на сликата на жената во медиумите.

Публиката ќе може да види три документарни филма од поновата светска продукција, кои ќе бидат проследени со тематски дискусии, изложба и поетски перформанс. Првиот филм е „Чудесна жена“ (Wonder Women) од САД во режија на Кристи Гевара-Фланаган, а темата за дискусија е „Со кои хероини пораснав“? Вториот филм е, исто така, американски, „Генерација М“ во режија на Томас Кит, по кој ќе следи дискусија на тема: „Продаваат ли медиумите мачо-култура?“ А, третиот филм доаѓа од Швајцарија, „Забранети гласови“ на Барбара Милер, а темата „Твитувам, блогувам, постирам, значи постојам“.

Во таа линија е изработен и визуелниот имиџ на настанот, кој ја разгледува буквата „Ж“ како симбол за разновидност, развиеност, вештина, способност и борба. Визуелната презентација за настанот претставува графички коментар на сеприсутното женско тело на билбордите кои ги гледаме во нашето секојдневје.

Овој настан е плод на соработката на канцеларијата на ОН од Скопје, на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА и на Институтот за родови студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Од 2012 година покровител на настанот е Град Скопје. Проекциите на првите два филма се од 20 часот, а на третиот на 10 март од 19 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top