| четврток, 6 декември 2018 |

Почина композиторот Сотир Голабовски

По долго боледување во среда, 05-ти ноември, почина истакнатиот македонски композитор, музиколог и музички педагог Сотир Голабовски (30.10.1937).

Своите студии по композиција ги заврши во Љубљана, во класата на Луцијан Марија Шкерјанц, а во почетокот на седумдесеттите години од минатиот век посетуваше повеќе курсеви по современа музика, меѓу кои и во тогаш прочуениот Дармштад – Германија. 

„Како резултат на ова оствари значаен творечки композиторски опус во кој одгласите од европската авангарда од тоа време наоѓаа значаен одраз. Паралелно со ова беше еден од втемелувачите на современата македонска музикологија, насочувајќи го својот интерес главно кон сферите на медиевистиката. Откри и дешифрира голем број средновековни музички ракописи од наши истакнати музички дејци, а во почетокот на деведесеттите годин и го објави капиатлниот труд – Осмогласник 1 и 2“, велат од Сојузот на композитори на Македонија. 

Голабовски е автор на уште неколку значајни музиколошки книги и студии. Беше покренувач и раководител и на тогаш единствената музичка, а подоцна музиколошка манифестација „Струшка музичка есен“. Оствари и забележителна педагошка дејност работејќи на Педагошкиот факултет и на Факултетот за музичка уметност. За својата дејност добитник е на поголем број стручни и општествени признанија. 

Посмртните останки на Сотир Голабовски ќе бидат изложени на 06.11. во 13 часот во капелата на гробиштата во Бутел – Скопје, а погребот ќе биде извршен истиот ден во 14 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top