Нов Приватен дом за згрижување стари лица е отворен денеска во општина Сопиште, во чие отворање се искористени поволностите што ги нуди државата за отворање вакви објекти. Се работи за инвестиција во висина од околу 350 илјади евра, која отвора до 20 работни места во оваа општина. Во Домот ќе можат да бидат згрижени 30 лица.
– Оваа приватна установа е резултат на мерките кои ги донесе Владата на Република Македонија за поттикнување на изградба и отворање нови приватни старски домови. Се работи за искористување поволни кредитни средства преку линијата на Македонската банка за поддршка на развојот со ниска каматна стапка. Во иднина инвеститорот ќе може да искористи и од обуките кои се реализираат преку Агенцијата за вработување на Република Македонија и Оперативниот план на активни мерки за вработување, што е показател за успешноста на поволностите – истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на свеченото отворање на Домот.
Додаде дека инвеститорот има добиено и грант од ИПАРД кој треба да покрие 25 проценти од инвестицијата, што, како што истакна, дополнително олеснување и финансиска помош за самиот инвеститор.
– Како Влада предвидовме многу поволности како почетна продажна цена од 1 евро за метар квадратен за локалции за изградба приватни градинки и старски домови, намалување на комуналните такси за 95 проценти за изградба на вакви објекти – рече Спасов.
Информира дека во евиденцијата на МТСП има околу 30 слободни локации кои се на располагање за вакви инвестиции и 50 објекти кои можат да се купат и пренаменат за вакви потреби.
Градоначалникот на општина Сопиште Стефче Трповски смета дека со отворањето на еден ваков Дом за згрижување стари лица се покажало оти Општината освен што е интересна и атрактивна за индивидуално домување е атрактивна и за еден ваков начин за домување.
Во најскоро време, додаде, се најавува отворање на уште еден дом за стари лица со што, како што посочи, ќе се обезбедат дополнителен број вработувања во општината.
Даниела Дабеска, инвестирор на Домот, потенцира дека станува збор за установа која има холистички пристап за згрижување стари лица.
– Нашата цел е да понудиме достоинствен живот за нашите корисници со комплетна, максимална нега што подразбира 24-часовна медицинска нега и заштита и пред се социјална заштита. Инаку во целата постапка се трудевме да ги запазиме сите стандарди за вакви установи, европски стандарди и пренесовме неколку иновативни идеи во функционирањето на Домот – рече таа.
Појасни дека како инверститори искористиле многу поволности кои ги нуди државата во однос на субвенции за отворање вакви домови.
– Би сакала да ги поттикнам сите оние кои имаат желба да започнат „старт ап“ бизнис да ги искористат овие мерки бидејќи се многу значајни. Било каква финансиска поддршка во вакви моменти многу значи – рече Дабеска.
Досега во Македонија се отворени 16 приватни старски установи, а според информациите на МТСП уште 11 инвеститори имаат почнато постапка за отворање вакви установи во повеќе општини во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.