Милан Младеновиќ, водачот на легендарната југословенска рок-група „Екатарина Велика“, почина на денешен ден пред 20 години.
Младеновиќ ќе остане запаметен како носител на името на групата ЕКВ заедно со Маргита Стефановиќ. Групата е основата во 1982 година откако Младеновиќ ја напушти групата „Шарло Акробата“. Оригиналниот состав на ЕКВ го сочинува Младеновиќ, Драгомир Михајловиќ, Душан Дејановиќ и Зоран Радомировиќ.
Младеновиќ беше роден во Загреб на 21 септември 1958 година, а со семејството се сели во Сараево во 1964 година. Во Белград се доселува во 1970 година. Со Михајловиќ го формира првата група „Лимуново дрво“, а својот прв самостоен концерт го организираат во 1977 година.
– Околу мене, во Југославија, владее чемер и јад. Односите меѓу луѓето се крајно несредени. Јас, како поет и музичар, ги знам своите должности. Мислам дека со своите текстови, без разлика колку се (не)сфатени, на многумина им ги отворам видиците и пружам нови вибрации. По сите оние срцепарателни текстови за невозвратената љубов, исплачени и неисплачени солзи, мораше да се појави некој нормален, кој ќе ги согледа проблемите на денешницата – велеше Младеновиќ во едно интервју во 1989 година.
Во време на најголемата популарност на ЕКВ, Младеновиќ се придружува на антивоениот проект Римтутитуки, а Милан често ги артикулираше антивоените ставови. Еден од неговите последните протестви беше изведување на песната „Сараево“ во Белград во април 1994 година.
Во август 1994 година на Младеновиќ му беше дијагностициран рак на панкреас, а три месеци подоцна почина во Белград, каде што е погребан на Новите гробишта, во Алеата на великаните.
ЕКВ престана да постои по смртта на Милан, а една улица во Загреб денес го носи неговото име.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.