| четврток, 6 декември 2018 |

Вајгл: Македонското пристапување во ЕУ е предолго и прекомплицирано

вајгл

Пристапниот процес на Македонија во Европската унија е предолг и прекомплициран. Ова е оценката која новиот известувач за земјава во Европскиот парламент, Иво Вајгл ја даде за Алфа телевизија. Сепак, и покрај сите проблеми кои земјава ги има на патот кон Европската унија, тој е оптимист и очекува Македонија да стане полноправно членка, бидејќи стратегијата на Унијата е вклучување на сите држави од Европа. Притоа Вајгл не се согласува со ставот дека е се поголем скептицизам во Европа кон проширувањето. Изјавата на првиот човек на новата Европска комисија, Жан-Клод Јункер дека во идните пет години нема да има нова членка, тој ја оцени како непотребна и штетна, иако, како што вели, јасно е дека ниту една од земјите-кандидати во тој период не може да ги исполни сите услови и да стане членка.

– Меѓутоа за тоа не треба да се зборува на таков експлицитен начин, туку да се работи на тоа да се овозможи секоја земја која ќе ги исполни условите да биде примена во Европската унија – изјави Вајгл.

Во контекст на случувањата во земјава и пристапувањето кон Унијата новиот известувач за земјава, смета дека Македонија мора сама да го најде својот внатрешен мир, притоа наведувајќи дека за Унијата е неприфатливо една држава да нема Собрание кое би функционирало и во кое би имало јасно разграничување на одговорностите меѓу владината коалиција и опозицијата.

-Рано е за мене да оценувам кој е виновен за ситуацијата во Македонија, но македонската политика е доволно зрела за да може да оцени дека таквата разбиеност, осакатеност, на собранието и штети – вели Вајгл.

Вајгл кој е поранешен шеф на словенечката дипломатија и пратеник од редовите на либералите во Европскиот парламент за тоа што досега Европскиот совет не ги уважи резолуциите на Парламентот за датум за преговори за земјава, вели дека тоа е последица на јасната поделбата на моќ во Унијата. Сепак, според него, Парламентот е тој кој секогаш потсетува на убедувањата на оние кои се директно избрани од европските граѓани ви-за-ви едно тело кое нема таков директен мандат.

Вајгл ја најави својата прва посета на Македонија за почетокот од декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top