Одгледувањето пауловнија, или брзорастечки дрвја е бизнис што во земјава е во самиот свој зачеток, но има големи шанси да се рашири и да стане еден од најпопуларните нови бизниси на овој простор. Станува збор за дрвја што се користат како суровина во дрвната индустрија, но за изработка на луксузни парчиња мебел, со оглед на тоа дека еден кубен метар од овој вид дрво на светските берзи достигнува цена од 300 долари, за разлика од обичните дрва, кои достигнуваат цена од 50 долари. Дрвото може да се користи по шестата-седмата година, кога достигнува висина и од девет метри.
– Влогот е по три евра за садник, кој до почеток на берењето нараснува до 10 евра вложување по парче. Освен пари за садниците, потребно е плус вложување за садењето, наводнување и за прихрана на растенијата и за одржување од трева. По третата година, дрвјата веќе имаат доволно развиена крошна за да не дозволуваат растење на тревата, а тогаш веќе не треба ни наводнување, со оглед на тоа дека има доволно развиен коренов систем, кој му обезбедува влага на дрвото – вели Данаил Паланков, одгледувач на брзорастечки дрвја од струмичкото село Муртино.
Тој се занимава со земјоделство од 2000 година. Прво имал оранжерии, но поради високите трошоци во 2008 година банкротирал. Тогаш почнал да бара алтернатива, која култура да продолжи да ја одгледува.
– Сакав на земјата од оранжеријата да одгледувам минијатурни цреши и кога отидов да се распрашам за нивна набавка, случајно ми ја покажаа пауловнијата и ми кажаа дека таа сега е хит меѓу одгледувачите бидејќи бара минимални вложувања, а носи многу профит. Јас на почетокот не верував дека тоа е вистина, но кога по три-четири месеци отидов да ги земам садниците цреши, видов огромно, високо дрво и тоа на истото место каде што претходно беше засадено брзорастечкото дрво. Кога ми кажаа дека станува збор за истото дрво, се заинтересирав и влегов во бизнисот. Прво набавував садници од Бугарија, па се роди идејата тука да се произведуваат и така направивме расадник, го регистриравме и оваа година имаме и сопствено производство на садници. Вложив 2.500 евра, на 11 хектари засадив 9.000 садници, а планирам да ги зголемам до 15.000садници и верувам дека бизнисот ќе тргне. Нематакво нешто што може да има таков приход по хектар од друга култура, а,според мои пресметки, станува збор за приход повисок од 100.000евра по хектар. Пласманот на овој вид дрво, кога ќе стигне за сечење, ќе биде надвор, бидејќи овде нема побарувачка за него, со оглед на тоа дека станува збор за скапо и луксузно дрво. Планираме тука да направиме и погон за изработка, а ќе бараме субвенции во делот на засадувањето – додава Паланков.
Пишува: Александрија Стевковска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.