
Фондацијата „Oтворено општество“ на Џорџ Сорос донирала 50-90 тони нафта за греење на неколку јавни училишта во Солун, а финансиската комисија на општината ја прифатила понудата со резерва поради „промакедонскиот став на милијардерот“, јавуваат грчките медиуми.
Предлогот формално бил испратен како писмо до градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, во кое пишувало дека организацијата ќе обезбеди 50-90 тони за јавните институции на кои најмногу им треба, пишува весникот „Димократија“.
Заманик-градоначалникот на Солун задолжен за финансии, Хасдаи Капон, за весникот изјавил дека членовите на Комисијата за финансии го прифатиле спонзорството. Коментирајќи го фактот што Џорџ Сорос е „проскопски настроен“, Капон рекол дека тоа што градските власти на Солун ја прифатиле понудата не значи дека сега Скопје ќе го нарекуваат Македонија и додал дека потегот на фондацијата е од хуманитарен карактер.
Други претставници на локалните власти истакнале дека понудата е прифатена со голема резерва поради промакедонскиот став на милијардерот од Волстрит.
Грчките блогери бурно реагираа на овој потег на солунските власти.
Некои од нивните коментари се дека Сорос не дава пари затоа што е толку чувствителен туку откако ќе почеша нечиј грб, ќе дојде време кога ќе побара противуслуга. „Срамота е што Бутарис ја прифатил понудата“, се повеќето коментари по форумите каде што се тврди дека донацијата на Фондацијата „Отворено општество“ е само изговор и прв чекор од планот за создавање своја мрежа во Грција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


