
Археолошките локалитети Стоби, Хераклеја, Kокино, Скупи, Билазора и многу други наоѓалишта, градови и цркви од Македонија предизвикале голем интерес на Берзата за археолошки туризам во Италија, која од 30 октомври до 2 ноември се одржа во градот Салерно, соопшти Управата за заштита на културното наследство. Нашата земја првпат учествуваше на 17. издание на берзата, а презентира публикации и видеоматеријали за македонското културно наследство.
– Македонија беше вистинско изненадување за многу од присутните. Интерес предизвикаа античките градови, мегалитската опсерваторија Kокино и цркви од византиско време. Речиси немаше посетител кој остана рамнодушен пред ранохристијанските мозаици од Хераклеја, Лихнид и Стоби, а многу од нив беа заинтересирани за туристичките понуди и планираа посета на земјата – велат од Управата.
Во рамки на берзата имало и дегустација на македонски вина и традиционална храна. На собирот учествувале повеќе од дваесет земји од цел свет, меѓу кои Србија, Бугарија, Хрватска, Албанија, Словенија, Аргентина, Малта, Португалија, Венецуела, Романија и други. Во фокусот годинава бил Азербејџан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


