Возачот од Србија, 21-годишниот Рајко Радојковиќ, кој во јули годинава ја предизвика стравичната сообраќајна несреќа кај Демир Капија, е осуден на 22 месеца затвор. Судот во Кавадарци ја прифатил спогодбата што ја направиле возачот и јавниот обвинител. Момчето веќе ја одлежува казната за настанот во кој загинаа осуммесечниот Андрија и неговиот чичко, а мајката остана инвалид. Во несреќата беа повредени вкупно седуммина.
Семејството на настраданите смета дека казната е премногу ниска. За српските медиуми најавуваат поднесување приватна тужба пред судовите во Србија зашто загубиле верба во македонското правосудство.
– Тој нечовек уби двајца, а жената ја остави инвалид. Од затвор ќе излезе за една година и ќе продолжи таму каде што застана. И сето тоа поради таа срамна одлука на македонското обвинителство. Тоа е срам за нивната држава – вели за српски „Курир“, Александар Маринковиќ, брат на 24-годишниот Никола Маринковиќ и татко на малиот Андрија, кои на 28 јули годинава загинаа, кога нивното возило го удри „форд фиеста“ на Радојковиќ.
Возачот, кој е прогласен за виновен, во својата одбрана тврдеше дека престигнувал на полна лента затоа што најлонска кеса му го попречила видот, па загубил контрола. Неговото семејство смета дека пресудата е премногу строга.
– Знам дека е тоа законска казна, но сметам дека е превисока затоа што тој не беше единствениот виновник за несреќата. Неговата мајка од тогаш не престанува да плаче – изјавил Никола Гавриловиќ, сопатник на осудениот возач.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



