Во пресрет на најавениот фолк-концерт на годината на кој со една купена влезница добивате двојна забава со двете огромни музички имиња – Мирослав Илиќ и Адил Максутовиќ, закажан на 29 ноември во Скопје во арената „Борис Трајковски“, ве известуваме дека продажбата на влезници е во тек и можат да се набават преку продажната мрежа „Купи карти за сè“, потоа на билетарницата во арената „Борис Трајковски“, во ресторанот МЦМ, на продажните места „Охридски бисери – фамилија Ристески“ во „Рамстор“ и во „Сити мол“, како и во „Ројал бургер“.
Цените на влезниците се 400 денари за стоење, а 500 и 600 чинат тие на трибините, во зависност од тоа дали се за пониските или повисоките редови, а освен стандардните карти ќе има и посебни пакет-влезници, чиишто цени ќе бидат објавени дополнително.
На сцената, освен Адил и Мирослав Илиќ, постои можност да се појават уште две музички имиња, но со оглед на тоа дека преговорите се сè уште во тек, деталите за нив ќе ги добиете наскоро.
Двојниот концерт е предвиден како повеќе од четиричасовна забава со најголемите хитови на Илиќ и на Максутовиќ, а прв на сцената, според планираното, ќе застане младиот пејач, кој, за потсетување, во светот на музиката посериозно влезе со снимањето на првата песна „Не могу без тебе“ во 2007 година, со која дебитираше на фестивалот во Врњачка Бања.
За Мирослав Илиќ, веројатно, доволно е да се спомене дека богатата музичка биографија почнува да ја пишува далечната 1977 година, кога и ја снима својата прва сингл-плоча „Волео сам девојку из града“.
„Смеј се смеј“, „Божанствена жено“, „Још те нешто чини изузетном“, „Јесен седамдесет и неке“, „Ова ноќ“, „Лажу да време лечи све“, „Теби“… се само дел од хитовите од богатата музичка биографија на живата легенда Мирослав Илиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


