Неколку инциденти на спортските арени имаше викендов на балканските простори, а најжешко беше во Сараево и во Шибеник, каде што имаше тепачки и повредени навивачи.
Буре барут е насловот на култната претстава на Дејан Дуковски, а Балканот и овојпат си го оправда епитетот на земјотресно подрачје кога се во прашање старите проблеми, недоразбирањата и ривалитетот.
Често, за жал, трпи спортот во обидите на спротивставените страни да си ги одмерат силите.
Во епицентарот овојпат беа инцидентите во Сараево на дербито меѓу Железничар и Сараево. И нашиот репрезентативец Крсте Велкоски беше дел од амбиентот, како играч на Сараево, дури и постигна гол во победата од 2-1 на неговиот тим, но вечното дерби мина и во пресметка меѓу навивачите. Имаше и повредени, расцепени глави и хаос на трибините.
Во Шибеник гостуваа хајдуковци, а во натпреварот на Б тимовите имаше тепачка во која беа вклучени навивачи, членови на стручните штабови и играчи на двете екипи.
Не беше мирно ниту во Истанбул, на големото дерби меѓу Бешикташ и Фенербахче. Секогаш е така кога меѓусебе играат големите ривали од трилингот во кој е вклучен и Галатасарај. На улиците на главниот град на Турција пред и по мечот имаше инциденти, предизвикани од двете навивачки групи на Бешикташ и на Фенербахче. Мечот заврши со победа на Фенер од 2-0.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.