| четврток, 6 декември 2018 |

Инциденти во Солун по повод настанот на СИРИЗА за договорот со Македонија

Група маскирани лица вечерва предизвикаа инциденти во центарот на Солун во делот пред објектот на солунскиот саем, каде што треба да се одржи политичката дискусија на тема „Македонското прашање: придобивките од договорот и перспективите на Балканот“ организирана од СИРИЗА.

Со палки, дрва, мермер и камења маскираните лица ја нападнаа полицијата која во голем број го обезбедуваше објектот. Групата успеа да ja откорне и метална врата, додека пак полицијата одговори со употреба на солзавец.

Подоцна, инцидентите се префрлија низ улиците на Солун, а маскираните лице запалија канти за отпадоци.

Првично, беше планирано настанот да се одржи во културен центар, но од безбедносни причини беше променета локација и закажана во просториите на меѓународниот саем. За сега нема информации за евентуално откажување или одложување на дискусијата.

Како што утрово објави МИА, СИРИЗА организира дискусија во Солун, за на граѓаните да им ги презентира придобивките од потпишаниот договор, додека пак како реакција и во знак на несогласување, навивачите на ПАОК, но и членови на солунско движење најавија протест.

На настанот организиран од владејачката партија, планирано е да говорат пратеникот од СИРИЗА од Солун, Триандафилос Митафидис, координаторот за европска политика во СИРИЗА, Јоргос Верверис и професорот по политички науки од солунскиот универзитет Аристотелис, Вермуд Орбаке.

Навивачите на ПАОК, пак, најавија „пречек како што им доликува“ и рекоа дека „нема да се одржи таков понижувачки пропаганден настан“.

-На 17 јуни ја потпишаа нивната конечна и неотповиклива пресуда, отстапувајќи го македонското културно наследство и признавајќи паралелно македонски јазик и идентитет за една државичка на Словените. Но не останаа само на тоа, туку се обидуваат да не убедат за „огромниот успех“ на оваа нивна постапка и организираат настан за „придобивките“ од договорот, соопштуваат навивачите на ПАОК.

Независно од овој протест, на мирен собир, пред културниот центар во Солун повикуваа и од солунското движење под име „Движење Свирам“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top