Порано мислев дека Васина торта ја прават само оние кои се викаат Васе, Васо или Васка. Бидејќи одевме на Василица, на именден кај тетка Васе, но потоа, вторите гости ни беа кај други подалечни роднини кои имаа ја славеа Василица, си викав мора заради нив да се вика така тортата. Кога ќе не послужеа со десерт, пред да си заминеме од именденот, ги слушав постарите како коментираа: значи, поубава торта од Васина торта нема!
И затоа јас така си ги поврзував работите – имендени на татка Васе и на Васо и Васина торта.
Многу години подоцна, чепкајќи дома, по библиотеката, на дофат ми дојде „Велики народни кувар“. За гурмани и за оние што сакаат да уживаат во убавата храна, вистинско мало богатство. Убавини! Па кога почав да ги вртам страниците, да пребарувам по рецептите, да препознавам јадења од моето детство, ептен се израдував. И оддеднаш, пред мене рецептот за „Васина торта“. Оваа торта не е од оние со 12 или 16 јајца кои се правеа порано (денеска ни лекарите нема да ви препорачаат толку многу јајца, лошо е за холестеролот, мастите и триглицеридите), но сигурно, ако им однесете едно парче, ќе замижат пред својата одлуката и ќе речат: па, едно парче, секако дека може да пробате!
Состојки:
За тесто
5 јајца
5 лажици шеќер
1 лажица брашно
6 лажици мелени бадеми
За првиот фил
125 милилитри млеко
200 грама мелени ореви
4 жолчки
Сок и кора од рендан портокал
3 реда чоколадо за готвење
150 грама путер
Состојки за вториот фил
250 грама шеќер
2 чаши вода
6 белки
Подготовка: Се одделуваат белките од жолчките и во еден сад за матење се матат петте жолчки и петте лажици шеќер, пенасто, се додека не се згуснат убаво. Одделно се матат белките, се додека не се направи цврст снег од нив. Потоа во жолчките се додава една лажица брашно и шест лажици мелени бадеми. На крај се додаваат и белките во оваа смеса. Кога се е добро измешано, смесата се истура во калап за печење торти кој претходно е намачкан со путер.
Првиот фил се прави со 125 милилитри млеко и 200 грама мелени ореви. Продуктите се ставаат во тенџере и млекото со оревите се вари на тивок оган. Посебно се матат четири жолчки со четири лажици шеќер. Се трга тенџерото со млеко и ореви од оган и кога оваа смеса е оладена, се додаваат жолчките. Потоа се додава сок од едне исцеден портокал, изренданата кора од портокалот и три реда истопена чоколада за готвење. Посебно се матат 150 грама путер и на крај и тој се додава во смесата. Со овој филм се премачкува целата торта.
Вториот фил се подготува со 250 грама шеќер кој се сипа во две чаши вода и смесата се вари, ама да биде густа. Потоа од шест белки се мати цврст снег кој полека се додава на густиот сируп и се мати на пареа додека не се сварат белките. Потоа се трга од оган и се мати со лажица додека не се олади смесата. Со вториот фил се премачкува целата торта. На крај таа може да се украси со кандирано овошје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.