Од Турција се бара да испрати копнени трупи во Сирија, да ѝ испрати оружје на курдската Партија за демократска унија во Кобане и да ѝ дозволи на Курдската работничка партија (ПКК) да испрати копнени трупи во Сирија. Сите три барања се базираат на погрешна логика и на основно неразбирање на фактите на терен.
Ниедна друга земја што е членка на НАТО или меѓународната алијанса предводена од САД нема обврска да испрати копнени трупи во Сирија. Претседателот Обама и европските сојузници, меѓу кои и Германија и Велика Британија, експлицитно го одбија тоа. „Копнените трупи“ станаа обврска само на Турција и на никој друг.
Турција ја поддржува борбата против ИСИС и други терористички закани. На 2 октомври турскиот парламентот усвои одлука за овластување на Владата за употреба на воена сила и за соработка со странски сили против терористичките организации во Сирија и во Ирак. Но, критикувањето на Турција поради одбивање да испрати копнени трупи кога и сите други земји одбиваат го направат тоа ѝ пркоси на секоја логика.
Идејата дека Турција треба да и испрати оружје на курдската Партија за демократска унија, која е сириски пандан на незаконската ПКК, има недостатоци. САД, Европската унија и НАТО ја сметаат ПКК за терористичка организација, а Турција сѐ уште се соочува со опасноста од тероризмот на ПКК. Уличните судири во турските градови поттикнати од ПКК и нејзиното политичко крило (Демократската народна партија) зедоа 32 животи во текот на изминатите 10 дена. Вооружувањето на сириската подружница на ПКК е исто како испорака на оружје за ПКК. Кој ќе гарантира дека оружјето на курдската Партија за демократска унија нема да заврши во рацете на ПКК?

Неодамна, воената истурена позиција во турската област Даглика, што се наоѓа во близина на границата со Ирак и со Иран, три дена беше под тежок оган од страна на ПКК. На 14 август, Турција одговори со воздушни напади врз тие сили. Владата на Турција ќе ги преземе сите мерки за да ги заштити своите граѓани, доколку е загрозена нивната безбедност. Таа никогаш не би им дала оружје на забранети организации, кои претставуваат закана за нивната безбедност. Нападот на ПКК треба да биде предупредувачки знак за опасностите што претстојат ако ПКК или нејзините подружници добијат дополнително оружје. И покрај овие напади, Турција е посветена на мировниот процес за решавање на курдското прашање.
Тие што предлагаат да им се дозволи на борците од ПКК да влезат во Сирија и да се борат рамо до рамо со силите на курдската Партија за демократска унија против ИСИС ги игнорираат превртливите сојузи во редот на организациите во Сирија. Утврдено е дека курдската Партија за демократска унија во голема мера е сојузник на режимот на Башар Асад и сега ги контролира курдските населени области. Курдската Партија за демократска унија никогаш се нема приклучено кон сириските опозициски групи како Слободната сириската армија во отпорот против режимот на Асад.
Турција веќе има направено повеќе од која било друга земја за жртвите на репресијата на Асад. Домаќин е на повеќе од 1,6 милион сириски бегалци. Има потрошено повеќе од четири милијарди долари за хуманитарна помош без голема меѓународна поддршка. Турција спречи голема човечка трагедија со евакуацијата на речиси цело Кобане кога им подаде рака на околу 200.000 бегалци. Керол Бачелор од Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на ОН, неодамна рече дека кога станува збор за спасување животи „ОН не можат да ја стигнат Турција.
Турција ќе работи со САД и со другите сојузници да ги обучуваат и опремат сириските умерени опозициски групи да се борат против ИСИС и режимот на Асад, кој е одговорен за убиството на повеќе од 200.000 луѓе во последните три и пол години. Варварските обезглавувања и погубувања од страна на ИСИС се ужасни и одвратни, но не треба да ги засенат воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени од страна на Асад.
Режимот на Асад не може да воспостави мир, безбедност и стабилност во Сирија. Покрај тоа, крвавата војна на Асад носи одговорност за варварските дела на ИСИС бидејќи тој го подготви теренот за појавата и за ширењето на таквите терористички групи. Удирањето по ИСИС, а игнорирањето на режимот на Асад сам е кратковида стратегија, која нема да стави крај на крвопролевањето во Сирија и во Ирак.
(Ибрахим Калин е заменик на генералниот секретар на турската влада)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


