| четврток, 6 декември 2018 |

Од март ќе почне електронската евиденција на тутунот

tutun1

Од март почнува електронската евиденција на тутунот, со што ќе се надмине проблемот со склучување двојни или тројни договори за иста површина на тутун.

Производителите на тутун, како и досега, ќе треба да ја пријават новата реколта во подрачните единици на Министерството за земјоделство, но наместо досегашните евидентни картони, податоците ќе се внесуваат електронски. Од друга страна, истата обврска ќе ја имаат и откупувачите.

– На овој начин преку измената на Законот за тутун и тутунски производи ќе се избегне долгогодишната практика на склучување двојни и тројни договори за иста површна на тутун. Исто така, ќе се обезбеди и заштита на двете договорени страни од можни манипулации во целиот процес на договарање, производствени и откуп на тутун. Сакаме да ги регулираме прашањата во оваа област – истакна заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски на денешната прес-конференција.

Со законските измени кои неодамна беа донесени, сега откупувачите на тутун ќе треба најдоцна до почетокот на откупот да обезбедат финансиски средства за исплата на договорените количества тутун. Тоа ќе може да го сторат на два начина – преку банкарска гаранција или со посебна наменска жиро-сметка која ќе ја користат за исплата на договорениот тутун.

– Со ова од една страна овозможивме да се обезбедат и да бидат осигурени побарувањата на тутунопроизводителите, а од друга страна им овозможивме на откупувачите две можности да обезбедат финансиски средства – истакна Костадиновски.

За реколтата 2014 се склучени вкупно 34.400 договори, а годинашниот род е поголем за околу пет илјади тони од планираните количини на производство.

Од Министерството се надеваат дека нема да има проблем со вишокот произведен тутун.

Од состаноците меѓу тутунарите и откупувачите впечатокот е дека набргу тие ќе изнајдат начин да се надмине ова прашање – подвлече Костадиновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top