| четврток, 6 декември 2018 |

Топаловски:Ќе те убиеме, ама прво ќе гледаш како ти ја силуваме бремената сопруга

топал

На моменти смирен и цврст, на моменти со солзи во очите и растреперен глас, бегалецот Ѓорѓи Топаловски за прв пат во судница прозборе за убиството на Андреј Филип (34) – Џиџи и неговиот шура Новица Благоевиќ – Моско (30), кое на 22 ноември 2007 се случи блузи зоолошката градина во Скопје.

Пред судиите обвинетиот во еден здив раскажа се, од моментот кога во спортски клуб го запознал убиениот Џиџи, до моментите кога почнал да добива смртни закани. Не пријавил во полиција, оти Џиџи му се фалел дека и во МВР имал свои луѓе. Рече, се плашел и само бегал. Убиството не го паметеше и се повика на очевидци.

– На Џиџи му дадов клуч од мојот стан за да се сретнел со љубовницата. Но, го затекнав со пријатели како пијат, користат кокаин и седат со пиштоли на маса. Ги избркав, а тој ме предупреди дека сум го посрамотил. Почнав да го избегнувам. Ја запознав и моја сегашна сопруга, а тој ја бендиса нејзина другарка. Таа не беше заинтересирана, а тој рече со 500 евра неговите пријатели ќе направат приватна забава со девојките. Му реков да ги остави на мира, оти не се проститутки, но тој за тоа ми побара 10.000 евра – раскажуваше Топаловски во судница.

Се расплака додека се присетуваше на подготовките за свадба и на сопругата бремена со машко бебе. Солзите се тркалаа и по лицето на неговата мајка која заедно со братот на Топаловски го следеа судењето.

– Бевме пресреќни за свадбата и бебето. Поради заканите од Џиџи, откажавме се и се договоривме да заминеме во куќата на родителите на мојата сопруга во Белград. Купив цвеќе за нив и требаше да заминеме. Но, тие ме претепаа со лопати и ме избодеа пред цвеќарата. Џиџи ми рече: Ја имаме жена ти, сега сите ќе ја силуваме, а ти ќе гледаш. Тоа ќе ти биде последно. Во главата ми стоеше само таа слика. Потоа не знам што сум направил. Не го негирам обвинението, ама нека кажат очевидците, оти јас само паднав на колена и ми се стемни. Се соземав дури во гаража седејќи во мојот автомобил – низ солзи се присетуваше Топаловски.

Со денови одел пеш по планините. Стигнал до Белград, а од таму со романски пасош под друг идентитет заминал за Домениканската Република, се до април годинава кога беше екстрадиран во Македонија. Додека бил во бегство, починал татко му и фиктивно се развел од сопругата, за да ја остават на мира.

На судењето сведочеше и таткото на убиениот Новица Благоевиќ. Пред судот тврдеше дека неговиот син не бил лош и никому ништо не должел. Раскажа дека го видел мртов во Институтот за судска медицина во Скопје и дека најтешко му било што откако бил убиен, бил прегазен и со автомобил.

– Мојот син се нашол во погрешно време, на погрешно место. Најтешко ми е што моето дете освен што е убиено, е и прегазено. Барам штета за загубата – рече татко на убиениот Новица.

Вработените во цвеќарата во која на денот на двојното убиство Топаловски купувал цвеќе, раскажаа дека виделе како неколку лица го грабнале и го тепале. Пукањето не го виделе, само ги чуле истрелите.

Според обвинението, Топаловски без своја вина бил доведен во состојба на силна раздразливост и го извршил двојното убиство. Тој одговара за убиство во миг. Според членот 125 од Кривичниот законик, тој што друг ќе лиши од живот на миг, доведен без своја вина во состојба на силна раздразливост со напад или со тешко навредување или како последица на семејно насилство од страна на убиениот, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Судењето продолжува на 19 ноември со сослушување на сведоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top