В петок, во Велес ќе почне да се снима долгометражниот филм „Ослободување на Скопје“ чиј режисер е Раде Шербеџија, а во главната улога, првпат на филм ќе дебитира 10-годишниот Давид Тодосовски во улогата на Зоран.
– Давид е новиот Марлон Брандо. Го одбравме меѓу 100 деца и го баравме долго и внимателно. Интересно е што тој природно, сам глуми. Кога му дававме сугестии како треба да глуми, тоа не беше најдобро решение. Но, забележавме дека тој воопшто не глуми, туку така живее – вели за главниот актер режисерот Шербеџија.
Според зборовите на продуцентот Насков освен во Велес ќе се снима и во Битола, а филмот треба да финишира со снимањето на Свети Никола, на 19 декември во Скопје. Според најавите, „Ослободување на Скопје“ би требало да биде готов на лето, следната 2015 година.
Сценариото е на Душан Јовановиќ и на Шербеџија, кој играл во праизведбата на драмската претстава во Загреб во седумдесетите години на минатиот век. Во таа претстава, која подоцна се играше во сите театарски центри на поранешна Југославија детските ликови ги играле децата на Шербеџија, Луција и Данило, кои денес во филмот се исто така вклучени – Данило како ко-продуцент а Луција како актерка која го глуми ликот на Лица.
– „Ослободување на Скопје“ е мој сон. Тоа е најубаво напишан текст на просторите на поранешна Југославија. Со оваа претстава имавме голем успех во сите театарски центри каде што беше поставена. Додека живеев во САД постојано размислував како да направам филм од претставата. Сценариото го напишав пред седум години, потоа го понудвиме, ни беше одбиено, но не се откажав. Сега добив шанса да го снимам филмот и бескрајно сум благодарен поради тоа – рече Шербеџија.
Неговиот син Данило Шербеџија кој е ко-продуцент на филмот призна дека цел живот е растен со таа претстава и ја чувстува позитивната енергија кај целата екипа уште пред почетокот на снимањето.
– Кога во Македонија ќе почне да се снима филм, тоа е празник. Јас првиот филм во својата кариера го работев со Шербеџија, а ова ќе ни биде десетти заеднични проект. Тешко е да се работи филм во Македонија, но многу е полесно кога работите со убави луѓе – изјави Тозија.
Актерската екипа е интернационална и ја сочинуваат уште и Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула и Аксел Мехмед. Директор на фотографија е Дејан Димески, а Влатко Стефановски е автор на музиката за филмот.
– Многу ми е драго што мојот град добива филм каде што во насловот го има Скопје. Мислам дека ова ќе биде култен филм. Претставата „Ослободување на Скопје“ во 1977 година, чиј режисер беше Слободан Унковски ја игравме во просторот на старата Железничка станица во Скопје. Ова е убав, човечки текст кој функционира и денес – рече Стојановска, која по „Пред дождот“ повторно ќе глуми во филм со Шербеџија.
Стефановски исто така бил вклучен во претставата „Ослободување на Скопје“ во 1977 година, како автор на музиката.
– За мене е многу природно да ја напишам музиката за овој филм, а Данило и Луција ги знам од деца. Ќе дадам се од себе да направам музика која сите ќе ја запамтите – изјави Стефановски.
Директорот на фотографија Димески е среќен што по подолго време ќе снима филм на есен и во зима, наместо на лето, бидејќи, според него, природата и боите се многу поубави во овие годишни времиња.
Филмот доби финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Финскиот филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Еуроимаж. Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Хрватот Игор Нола. Филмот ќе чини 2,1 милион евра од кои Македонија дава 1.250.000 евра, а Еуроимаж 310 илјади евра.
фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура