| четврток, 6 декември 2018 |

Од 1 ноември на позитивната листа ќе се најде нов лек за мозочен удар и инфаркт

лек

Од 1. ноември, на позитивната листа на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, влегува лекот со генерика Clopidogrel, лек за кардиоваскуларни заболувања, најавија на денешната прес-коференција директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова и проф.д-р Даниела Миладинова, продекан на Медицинскиот факултет, истакнувајќи дека со тоа почнува да се реализира новиот владин проект за постепено воведување на нови лекови на Позитивната листа на лекови на товар на ФЗОМ.

– Осигурениците досега го купуваа лекот clopidogrel приватно (лек за мозочен удар и инфаркт), а со утврдување на референтна цена, лекот ќе може да се подигне на рецепт на товар на Фондот во било која аптека која има склучен договор со ФЗОМ. За оваа генерика Clopidogrel има лекови од 10 фармацевтски производители, што обезбедува добра конкуренција на пазарот. Оваа новина е големо олеснување и придобивка за 20.000 пациенти годишно – рече Парнаџиева-Змејкова.

Најавено е и олеснување за третманот на пациенти со хипотиреоза за добивање и следење на терапијата, што значи дека 10.000 осигуреници од цела Македонија кои имаат заболувања на тироидната жлезда – хипотиреоза и се упатуваат на Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина секоја година само за да направат лабораториско испитување и за да ја потврдат терапијата, од 1 ноември ќе можат таа услуга да ја добијат кај матичниот лекар.

– Нова придобивка за осигурениците од 1 ноември е и тоа што ФЗОМ овозможува рефундации за лекови кои осигурениците ги набавиле во странство, односно отсега осигурениците ќе може да добијат поврат на средства за лекови купени во странство, без разлика дали лекот е регистриран во Република Македонија или не – е третата новина која беше најавена на денешната прес-конференција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top