
За првите шест месеци годинава, 71 родители заработија прекршочна пријава бидејќи не ги однеле децата да ги примат задолжителните вакцини. Според информациите на „здравство24.мк“ од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), осум од пријавите се за вакцината ХПВ, а 63 за останатите од календарот за имунизација. Родителите ќе завршат на суд а им се заканува казна од 300 до 650 евра бидејќи не го почитуваат законите каде е регулирано ова прашање.
Бројот на пријави за тој период е зголемен и поради “антивакциналното движење” кое пред неколку месеци беше актуелно со наводната поврзаност на вакцината МРП со аутизам.
Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца апит тип Б (Хиб) и вирусен хепатитис Б.
Вакцинација по епидемиолошки индикации се спроведува против тетанус, вирусен хепатитис Б, беснило, жолта треска, цревен тифус, грип и менингококов менингитис.
Здравствените власти тврдат дека во земјата се користат квалитетни и безбедни вакцини а имунизацијата е со опфат над 95%.Според СЗО, околу три милиони лица годишно умираат од болести што можат да бидат превенирани со вакцини. Од нив, 1,5 милиони се деца до петгодишна возраст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


