Велика Британија нема да ја поддржи планираната програма на Европската унија за потрага и спасување по мигранти во водите на Средоземно Море, кои во обид да стигнат до Европа се соочуваат со животна опасност, соопшти денеска британското Министерство за надворешни работи.
Италијанската програма „Маре Нострум“, во рамки на која изминатата година од Средоземно Море се спасени 150.000 мигранти, истекува оваа недела.
Британскиот Форин офис на прашањето за поддршка на планот на ЕУ за спасување мигранти, поставено на страницата на Горниот дом на Парламентот на 15 октомври, одговори: Не ја поддржуваме планираната акција за пронаоѓање и спасување мигранти во Медитеранот. Веруваме дека тоа поттикнува сè повеќе мигранти да извршат опасен обид за премин преку море до Европа, што доведува до поголем број трагични и непотребни жртви.
Според британската влада подобро е да се фокусира на земјата на потекло и транзит, како и борбата против трговијата со луѓе, изјави министерката за надворешни работи Џојс Анелеј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.