Пејачката Кристина Арнаудова беше невеста во 2006 година. Таа 0сум години по свадбата за Bride.Mk откри како, всушност, таа го побарала својот сопруг, ексракометaр и тренер Александар Петрески.
– Се запознавме во станот каде што тој живееше со двајца цимери, а јас дојдов како гостинка на девојката на неговиот цимер. Таа сакаше да нè запознае и тврдеше дека ние двајца би биле идеални еден за друг, во што очигледно била во право. И денес сум ѝ бескрајно благодарна бидејќи љубовта е ретка и треба да ја препознаеш и да се бориш за неа. Веќе вториот пат кога се сретнавме бев вљубена, а третата средба веќе бевме во врска. Наскоро почнавме и заедно да живееме, односно од 2001 година живееме заедно. Запросувањето не беше неочекувано бидејќи долго време бевме во врска и живеевме заедно пет години, но, од друга страна, не го очекував тоа баш во тој момент. Сè се случи кога кај нас дома дојдоа Александра Пилева и нејзиното тогашно момче, а денес сопруг и ни соопштија дека ќе стапат во брак. Бидејќи тие, за разлика од нас, беа доста кратко време во врска, почнав да се шегувам дека ние изгледа нема никогаш да се земеме, и дека јас не сакам да се мажам. А бидејќи имавме многу испиено, реков, добро еве јас сега решавам – ќе го побарам Александар за маж бидејќи ако не го направиме тоа сега, нема никогаш. Тој тогаш ме праша дали сум сериозна, а кога виде дека сум, ми рече да почекам додека да оди до автомобилот. Кога се врати клекна на колена и ме побара со прстен во рака, кој го чувал веќе еден месец, чекајќи вистински момент да ме запроси. Неговиот говор по тој повод толку ме расплака од среќа, што не можев од солзи ниту „да“ да кажам. Беше, навистина, незаборавен момент – вели Кристина.
Александар и Кристина ќе прослават осум години брак на крајотна декември, 23 декември. Вели никогаш нема да го заборави првиот танц, но и венчавката во црква. Според неа, клучот за успешен брак е љубов, поддршка, компромис, разговор, исти интереси и цели, исти навики и желби. Не е точно дека спротивностите се привлекуваат, тоа само може во одреден момент да функционира, на долги релации спротивностите се осудени на неуспех бидејќи бракот е партнерство, каде што двајцата се стремат кон исто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.