Во просториите на град Скопје денеска беше промовирано потпишувањето на договорот за набавка на систем за автоматска локација на возила и систем за електронска наплата на билетите во ЈСП Скопје во партнерство со „Т-Мобиле“, а ваквиот систем ќе биде интегриран, односно ќе биде воведен во 500 автобуси од кој околу 300 се на ЈСП, а останатите на приватните превозници.
Директорот на ЈСП, Мишо Николов, истакна дека во моментов системот за наплата во автобусите на ЈСП Скопје е пред колапс, а дел проектот за набавка на системот за автоматска локација на возила и електронска наплата на билети го решава овој голем проблем.
– Ова е еден модерен систем на наплата којшто ќе овозможи, најпрво во секое време да се знае бројот на патниците во автобусите, а понатаму да направи еден систем којшто ќе го покачи прометот во нашите автобуси од барем 10 отсто. Исто така, со системот на автоматска локација вработени лица во ЈСП на големи екрани ќе ги следат сите автобуси, дали се на линија, дали се точни и дали ја пружаат заслужената услуга на граѓаните, за разлика од досегашната пракса кога вработени на ЈСП како контролори рачно запишуваат дали автобусот поминал на линијата односно на автобуската станица, истакна Николов кој додаде дека овој систем ќе помогне да се интегрира ЈСП со приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.
Тоа значи дека ќе функционира системот на наплата со еден билет кој ќе важи и во автобусите на ЈСП и во автобусите на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, нагласи дека неколку години наназад се правеле обиди за изнаоѓање партнер, компанија, која ќе го направи овој систем, а сега конечно е потпишан договорот со „Т-Мобиле“, односно директорот Жарко Луковски, а вредноста на овој договор чини 3 милиони евра.
– Очекуваме многу придобивки на овој систем, пред се, сметаме дека ќе се воведе голем ред во навременото доаѓање на авотобусите на автобуските станици, а на секоја автобуска станица ќе има сигнална сијалица која ќе покажува црвено или зелено светло односно дали е навреме е стигнат автобусот или не, а таквата ситиација ќе се прати од контролен центар. Тоа ќе важи и за приватните и за автобусите на ЈСП – рече Трајановски.
Како Град Скопје сакаме автобуските карти да ги продава и парите ги наплатува Градот Скопје, а на градските превозници од ЈСП и приватните фирми да им плаќаме по поминат километар, посочи скопскиот градоначалник. Тој смета дека со овој современ систем ќе се зголеми бројот на патници којшто ќе патуваат со градски превоз, аисто така се очекува зголемување на наплатата, односно сите малверзации кои се прават со овој систем на работа ќе бидат анулирани.
Во делот на наплатата, овој проект ќе овозможи лесна и брза наплата со намалување на времето на задржување на автобуските постојки. Постои можност за воспоставување најразлични видови на плаќања (дневен билет, неделен билет, временски ограничен билет, зонски билет итн. што значи можност за воведување повеќе различни тарифни системи).
На располагање ќе бидат 61 место за надополнување и продажба на картички во кои влегуваат и три автономни автомати за издавање и дополнување на картички.
Директорот на Т- Мобиле, Жарко Луковски ги информираше присутните за можноста којашто ја нуди Т- Мобиле, надвор од потпишаниот договор, за надополнување на билетот за возење, односно нагласи дека граѓаните ќе имаат можност на околу 6 000 места да извршат надополнување и ја најави можноста за плаќање со мобилен телефон.
Според директорот на „Т-Мобиле“, Жарко Луковски, овој проект ќе биде бенефит за граѓаните и задоволни се што неговата компанија го добила проектот. Тој најави дека овој систем ќе овозможи плаќање на паркинг, плаќање на карти за зоолошка градина, плаќање за жичарницата што оди на Водно, собирање на лојалти поени кај корисниците што ќе ги имаат.
Луковски истакна дека основата и иднината на овој проект е всушност плаќањето со мобилен телефон.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



